Се горат милиони со палењето на отпадот од лозјата, реагираат екологистите од еколошкото друштво „Еко-живот” од Кавадарци. Претседателот Роберто Паризов вели дека во најголемиот лозарски регион во Македонија отпадот од лозјата не само што не се искористува како во други земји во светот, туку и се гори и ја загадува околината. А Кавадарци е на врвот по загадување во државата.
Со години се најавуваа проекти за искористување на отпадот од лозовите насади, но ништо од тоа.
„Згора на тоа, се случува кога се горат лозови прачки останати по резидбата на винови лози, да се предизвика и пожар“, додава Паризов.
Во меѓувреме, изминатиов период не се најде начин да се спроведе проектот за искористување на лозовите прачки по кроењето, кој го понудија кавадарчаните Диме Стаменов и Ристе Нанчев.
„За жал, никој не го поддржа нашиот проект во периодов што измина. Тоа значи дека и во иднина со палењето на отпадот од лозјата, тиквешани самите ќе си го загадуваат воздухот. Страшна работа“, велат тие.
Зошто не се реализира идејата за искористување на лозовите прачки по кроењето на лозјата, најавувана со години и од Општината и од неколку компании и поединци, одговор нема ни кавадаречкиот градоначалник Александар Панов.
„Ние овој проект го работевме со Норвешката амбасада, јас за другите иницијативи не знам, тој проект го сработивме и обезбедивме таков котел на гориво за пелети со цел во иднина од прачките да се произведуваат пелети, и тоа да биде поганско гориво за загревање на основното општинско училиште ‘Тошо Велков Пепето’. Останува тоа и понатаму како можност, меѓутоа ја префрлам топката врз приватниот сектор коj треба да пројави интерес ова калорично средство да го искористи со цел да се произведуваат ваквите пелети. Апелирам на оној којшто ќе си најде интерес во оваа работа да ја користи оваа суровина, бидејќи е скоро бесплатна. Наместо да купува бука од ‘Македонски шуми’ и да ги сечеме шумите, од лозовите прачки да се произведуваат пелети“, вели Панов.