Површината на Езерото Младост е чиста, ги снема плочите органска маса кои пливаа, а водата е бистра. Ваква е состојбата последните два месеца. Стручните лица од Јавното водостопанско претпријатие (ЈВП) „Лисиче“, кое стопанисува во водата од акумулацијата, велат дека настапил процес на разгадување на органската материја која пливаше, а беше создадена во текот на летото од цвет на алгите и трските.
„Како органска материја, наслагите подлежат на процеси на минерализација односно разградување до неорганска материја и седиментирање кон подлабоките слоеви на дното на акумулацијата, што ја зголемува проѕирноста на површинската вода. Во текот на зимските месеци, ниските температури на водата и воздухот го лимитираат интензитетот на еутрофикациските процеси и фотосинтетската активност на фито и зооплактонтонските организми, како и составот, бројноста и активноста на микробиолошка популација во водата“, вели Антоанета Стојанова, дипломиран биолог одговорна за микробиолошки мониторинг во „Лисиче“.
Густите пивтиести наслаги со жолто-кафеава боја во летниот период покриваа значителен дел од површината на акумулацијата, особено во крајбрежните делови кај Отовички Залив. Во текот на јули и август, поради високите температури и намалениот кислород во водата се создадоа наслагите кои беа најмасовни во текот на летниот период. Со опаѓањето на температурата, зимава наслагите ги снема, некои се разградија, други паднаа на дното, трети остнаа на суво по повлекување на водата во акумулацијата.
Во овој зимски период и квалитетот на водата е подобрен во однос на одредени параметри. Бројот на колиформни бактерии и ешерихија коли бил значително намален, споредено со претходните месеци.
„Тоа е пропорционално со намалување на температурата на водата која влијае на намалена пролиферација односно множење на бактериите“, констатираа од Државниот инспекторат за животна средина (ДЖИС) по неодамнешниот мониторинг.
На почетокот од декември се појави мирис на амонијак и пена во крајбрежјето на езерото. Тоа беше поради распаѓањето на органската материја која пливаше по површината на водата, образложија од ДИЖС.
Градоначалникот на Велес Марко Колев, кажа дека е изготвен проект и од општинскиот буџет се обезбедени 15 милиони денари (над 240.000 евра) за чистење на Отовичкиот Залив и канал, кое би започнало наскоро. Хидробиолошки завод од Охрид констатира дека „индикатор за старо фекално загадување е регистрирано во водите кај заливот каде истекува Отовичка Река, која подог период нема вода и не тече“ и тој треба да се исчисти.
П. ПЕЧКОВ