СЕ МОНТИРА АКЦЕЛЕРАТОРОТ, ЗА НЕКОЛКУ МЕСЕЦИ ЌЕ ИМА ЗРАЧНА ТЕРАПИЈА ВО БИТОЛА

    СЕ МОНТИРА АКЦЕЛЕРАТОРОТ, ЗА НЕКОЛКУ МЕСЕЦИ ЌЕ ИМА ЗРАЧНА ТЕРАПИЈА ВО БИТОЛАОколу 1.600 пациенти од југозападна Македонија имаат потреба од зрачна терапија и тие досега патуваа во Скопје. - Акцелераторот во битолската болница (Фото: СДК.МК)

    Во тек е монтирањето на акцелераторот за зрачна терапија во Клиничката болница во Битола. Заменик миистерот за здравство, Гоце Чакаровски, изјави дека за неколку месеци пациентите ќе добијат зрачна терапија во Битола и не ќе мора да патуваат за Скопје.

    Акцелераторот беше набавен уште во 2013 година, а претходната власт вети дека ќе го стави во функција истата година. За жал, воопшто не го монтираа со образложение дека инсталирањето и комисионирањето е долг процес.

    „Јавноста знае дека долго време беше тој во подрумот на Клиничката болница. Со промената на власта, Министерството за здравство се зафати со работа да се пристапи кон монтирање на акцелераторот. Ги исконтактиравме сите изведувачи, оние кои ја набавија опремата, се работи со одредена динамика и се надевам дека во следните месеци ќе се пушти акцелераторот, со што пациентите од овој регион не ќе мора да патуваат во Скопје по оваа здравствена услуга“, рече Чакаровски.

    Тој додаде дека во изминатиот период акцелераторот не бил ставен во функција поради недоразбирања за мали пропусти меѓу добавувачите на опремата и изведувачите.

    „Ги отстранивме тие пропусти, побаравме техничка помош и почнавме со монтирање. Се надевам дека за кратко време месец до два бидејќи треба и технички прием, ќе проработи. Не би сакале да го пуштиме а потоа да кажиме дека не функционира. До детаљ ќе ги завршиме работите за тој да функционира,“ вети Чакаровски.

    Околу 1.600 пациенти од југозападна Македонија имаат потреба од зрачна терапија. Тие досега патуваа во Скопје, иако во Битола бункерот беше готов уште пред неколку години, а беше набавена и опремата. За следниот период најавени се и вработувања во болницата зашто недостигаат лекари, медицински сестри и друг персонал.

    „Свесни сме сите дека во изминатиот период имаше егзодус на доктори и медицински сестри во Битола. Како Министерство имаме намера да го вратиме сјајот на болницата, да вработиме доста доктори, медицински персонал за пациентите од Битола да не одат по здравствени услуги надвор од Битола“, додаде Чакаровски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира