СЕ НАМАЛУВА БРОЈОТ НА КОВИД ПАЦИЕНТИ ВО ТЕТОВСКО, НО БРИТАНСКИОТ СОЈ ПРЕДИЗВИКУВА ПОВЕЌЕ СМРТНИ СЛУЧАИ

    СЕ НАМАЛУВА БРОЈОТ НА КОВИД ПАЦИЕНТИ ВО ТЕТОВСКО, НО БРИТАНСКИОТ СОЈ ПРЕДИЗВИКУВА ПОВЕЌЕ СМРТНИ СЛУЧАИВо ковид центарот на Клиничката болница во овој момент има 35 пациенти (Фото: СДК.МК)

    Последниве денови има благо подобрување на состојбата во споредба со изминатите недели, кога имаше многу поголем наплив на заразени со ковид-19, велат од Клиничката болница во Тетово. Дека се смирува состојбата, зборува и намалениот број на амбулантски прегледи. Ако до пред некоја недела двевно ги имаше и над 70, па и до 100, сега нивниот број е намален на околу 20-30. Во болницата има доволно слободни кревети, но загрижува тоа што британскиот сој на коронавирусот предизвикува повеќе смртни случаи.

    Во ковид центарот на Клиничката болница во овој момент имаме 35 пациенти. Дваесет од нив се со поблага клиничка слика, па очекуваме тие во наредните денови да бидат пуштени на домашно лекување. но и натаму имаме пациенти со тешка клиничка слика. Во овој период, за жал, имаше поголем број починати, најчесто оние кои покрај ковид-19 имаа и други хронични болести. Британскиот сој, со кој сѐ повеќе се среќаваме, создава многу бурна клиничка слика и поголеми компликации кај пациентите. Така имаме и пациенти кои, иако се пуштени на домашно лекување, знаат и понатаму да се жалат на потешкотии. Исто така имаме пациенти кои по вторпат се позитивни на ковид-19, но во повеќето случаи тие имаат полесна клиничка слика“, вели Гзим Нуредини, координатор во Ковид центарот.

    Иако беше најавувано, модуларната ковид болница засега не е пуштена во употреба. Откако се утврдија некои пропусти во нејзината изградба, сега се чека на нивно отстранување.

    „Со намалувањето на бројот на хоспитализирани лица, ние не правиме притисок модуларната болница под итно да се отвори. Засега имаме доволно слободни кревети во постоечките објекти“, додава Нуредини.

     З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира