Бројот на ученици во општинскиот ученички дом „Лазар Лазаревски“ во Велес е во опаѓање. Ако капацитетот со пролетоска распишаниот конкурс бил 221 ученик, на двата конкурса биле примени само 140. В. д. директорот на оваа институција Марјанчо Јорданов ја гледа причина за тоа во лошата уписна политика претходните години.
„Проблемот со намалувањето на бројот на ученици е почнат пред 3-4 години. Тогашната извршна и локална власт дозволија отворање на две паралелки, една во Кавадарци, другата во Гевгелија, чии ученици учеа во Велес, а одлеаја ученици од нашиот дом. Тука е и затворањето на спортската паралелка во Гимназијата. Со учениците од тие три паралелки ние го полневме интернатот и се бараше место плус. Годинава, бројката на запишани ученици е уште помала, за жал“, кажа Јорданов.
Тој објасни дека слободните простории ги пренамениле во медиотека, теретана и за активностите на играорци и каратисти.
П. ПЕЧКОВ