СЕ НАПЛАЌА ВЛЕЗОТ ВО ШТИП ЗА ПАСТРМАЛИЈАДАТА ЗА КОЛИТЕ КОИ НЕ СЕ СО ШТИПСКА РЕГИСТРАЦИЈА

    СЕ НАПЛАЌА ВЛЕЗОТ ВО ШТИП ЗА ПАСТРМАЛИЈАДАТА ЗА КОЛИТЕ КОИ НЕ СЕ СО ШТИПСКА РЕГИСТРАЦИЈАБез да платат се пропуштаат само возилата со штипска регистрација и оние кои кажуваат дека не се дојдени во Штип за пастрмалијадата. (Фото: СДК.МК)

    На кружната сообраќајница на влезот во Штип од правец на Скопје и Кочани, службите за паркинзи на ЈП „Стипион“ ги стопираат возилата кои немаат штипска регистрација и бараат да платат 80 денари за паркирање ако одат на „Штипската пастрмалијада“. Бесплатно се пропуштаат само возилата со штипска регистрација или оние кои кажуваат дека одат на гости или имаат некоја друга работа, односно не се дојдени во Штип за пастрмалијадата.

    „Го копираме теркот на другите градови кои за вакви и слични манифестации наплаќаа при влез. Ние барем им даваме флаери на оние штом ќе платат да видат скица каде може да се паркираат во градот, посебно во околината на градскиот стадион во Штип каде се одржува манифестацијата. Со платениот влез, всушност, го плаќаат целовечерното паркирање што е на ниво на целодневното како секој обичен ден“, велат вработени во „Стипион“.

    На кружниот тек во близината на бензинската пумпа на „Лукоил“, каде е единствениот влез во Штип од правец на Скопје и Кочани, подолго време имаше застои во сообраќајот. Револтирани возачи прашуваа зошто мора да платат за да влезат во градот.  По извесно време, вработените во службата за паркинзи по налог на градоначалникот Иван Јорданов прекинаа да наплатуваат и почнаа да ги пропуштаат возилата.

    „Штом дознав за ова веднаш наредив да се стопира наплатата. Како дошло до тоа ќе видиме, но можам да кажам дека до крајот на ноќта и во текот на утрешниот втор ден од манифестацијата такво нешто ќе нема“, вели градоначалникот Јорданов.

    Големиот број заинтересирани од другите градови денеска се упатуваа кон Штип за да присуствуваат на настапите на музичките групи ДНК, Ангушеви и на концертот на хрватската пејачка Јелена Розга.  На традиционалното сечење на џиновската пастрмалија присуствуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира