Денешното рочиште за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, на кое требаше да се дадат завршните зборови на обвинителството и одбраната, е одложено поради влошена здравствена состојба на еден од обвинетите, поранешниот директор на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими. Неговиот адвокат го извести судијата Јордан Велков дека Бесими имал висока температура и треска, па не можел да присуствува на денешното рочиште, а за неговата здравствена состојба поднесе и лекарска документација.
Судијата го прифати образложението на адвокатот на Бесими и го презакажа давањето на завршните зборови за 10 мај.
Пожарот во модуларната болница се случи на 8 септември 2021 во вечерните часови, при што загинаа 12 луѓе кои беа на лекување и уште двајца посетители. Основното обвинителство од Тетово поднесе обвинение против три физички лица и едно правно лице. Бесими и економскиот директор на болницата Артан Етеми се обвинети за тешки дела против општата сигурност, а лекарот Бобан Вучески за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Против Клиничката болница во Тетово како правно лице се покренати кривичните дела предизвикување општа опасност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
З. АНДОНОВ