СЕ ОТКУПУВА САМО КВАЛИТЕТНИОТ ТУТУН, ДРУГОТО ГО ВРАЌААТ, ПА ЗАТОА И ЦЕНАТА Е ПОНИСКА, КАЖАА ТУТУНАРИТЕ НА ПРОТЕСТОТ КАЈ ВЕЛЕС

    СЕ ОТКУПУВА САМО КВАЛИТЕТНИОТ ТУТУН, ДРУГОТО ГО ВРАЌААТ, ПА ЗАТОА И ЦЕНАТА Е ПОНИСКА, КАЖАА ТУТУНАРИТЕ НА ПРОТЕСТОТ КАЈ ВЕЛЕСПроизводителите најавуваат дека протестите ќе продолжат затоа што тутунот им бил единствена егзистенција (Фото: СДК.МК)

    Тутунопроизводителите од Велешко два часа го блокираа влезот во Велес од правец на Скопје, кај Башино Село, незадоволни од цената што им ја нудат откупувачите. На протестот имаше производители од Чашка, Овче Поле, Бузалково.

    „Се откупува само висококвалитетниот тутун кој до лани го ценеа како прва и втора класа, сега е пониско. И цената е пониска, го земаат за 160-180 денари и затоа просечната откупна цена е 165 денари. И јавноста е во заблуда. Мисли дека ние, производителите, бараме многу. Висококвалитетниот тутун го земаат, другиот ни го враќаат“, вели производител од Чашка, кој произвел пет тони тутун, а му било да понудено да му откупат само два.

    Се жалат дека ги уценувале. Ако не го предадат тутунот, им се заканувале дека следната година во март нема да потпишат договор со нив.

    „Лани и пред тоа тутунот според квалитетот одеше повеќе во прва класа, сега повеќе е трета класа. Само една кутија ми дадоа прва класа. Ми рекоа да го доработам. Па, немам 100 кила, имам 10 тона, кој ќе го доработи. Цело Бузалково живее од тутун, сега ни ја скратија егзистенцијата. Имам 50 хектари државно земјиште под наем. Имам и жито, годинава и тоа беше со ниска откупна цена. Како да живееме јас и мојата фамилија“, рече Аднан Салија од Бузалково.

    Најавуваат дека протестите ќе продолжат затоа што тутунот им бил единствена егзистенција, а со цената која им се нудела не можеле да ги покријат трошоците за работа, а не и за живеачката.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира