СЕ ОТВОРИ РЕНОВИРАНИОТ ОФИЦЕРСКИ ДОМ ВО БИТОЛА

    СЕ ОТВОРИ РЕНОВИРАНИОТ ОФИЦЕРСКИ ДОМ ВО БИТОЛАОфицерскиот дом е во надлежност на новооснованата јавна установа Културно-информативен центар, под која е и Киното „Манаки“. (Фото: СДК.МК)

    На местото на некогашниот руиниран Офицерски дом, денес во Битола беа отворен и вратите на реставрираниот објект со културно-историско значење, кој го врати својот архитектонски сјај и екстравагантна внатрешност. Заврши реставрацијата на Домот, а увид изврши и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, чиј кабинет исто така беше вклучен во спроведувањето на проектот.

    „Офицерскиот дом во Битола е еден од најзначајните културно-историски објекти во Битола кој е во централното градско подрачје, а кој долги години беше запуштен, даваше лоша слика за целата околина. Се заложивме за негова реставрација, а не рушење и градење на нов објект. Денес сите можеме да се убедиме во неговата убавина и импозатност. Реставриран е целосно по сите стандарди, почитувани се неговите историски специфики“, рече вицепремиерот Битиќи.

    Покрај тоа што е набавен оригинален лустер сличен на балскиот, кој пред неколку години кога објектот беше оставен без грижа падна и се уништи, поставени се и десетици светлечки тела од кристал со 200 светилки кои ја осветлуваат внатрешноста на објектот. Долната сала е поплочена со мермер, обновени се витражите на прозорците и вратите, поставен е автентичен паркет изработен како стариот со техника на интарзија во концертната сала и друго.

    Објектот е во надлежност на новооснованата јавна установа Културно-информативен центар, под која е и Киното „Манаки“.

    Покрај тоа што е набавен оригинален лустер сличен на балскиот, кој пред неколку години кога објектот беше оставен без грижа падна и се уништи, поставени се и десетици светлечки тела од кристал со 200 светилки кои ја осветлуваат внатрешноста на објектот. (Фото: СДК.МК)

    „Нашиот Офицерски дом е со вратен сјај каков што му доликува, подготвен за низа настани кои ќе сведочат за пулсот на Битола. Во овој дом ќе се случуваат културни настани, музејски поставки, презентации на достигнувања, дебати, венчални церемонии, промоции и се̍ она што претставува наше битисување. Не беше лесно, ни едноставно од она време кога јасно кажавме ‘не’ за негова продажба. Подготвувањето на комплетната документација и апликација од страна на Општината, пред да дојдам јас како градоначалничка беше одбиена. Следуваа измени на истата и нов процес на аплицирање, а на тоа се надврза имплементацијата“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Реконструкцијата на објектот и неговата околина чини 59 милиони денари (околу 960.000 евра), од кои 53 обезбедени од проектот за локална и регионална конкуретноста преку ЕУ фондови, а Општината учествуваше до 5,9 милиони денари од својот буџет. Исто така, Општината инвестираше и во обезбедувањето на инфраструктурата околу Офицерскиот дом, како и партнерно и хортикултурно уредување со вкупна инвестиција од 850.000 евра.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира