СЕ ПРОШИРУВААТ ЛЕНТИТЕ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ТАБАНОВЦЕ ЗА ДА СЕ ЗАБРЗА ТОВАРНИОТ СООБРАЌАЈ

    СЕ ПРОШИРУВААТ ЛЕНТИТЕ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ТАБАНОВЦЕ ЗА ДА СЕ ЗАБРЗА ТОВАРНИОТ СООБРАЌАЈГрадежните зафати се очекува да завршат во првата половина на јуни (Фото: Царинска управа)

    Почнаа градежните работи на граничниот премин Табановце за проширување на пристапните сообраќајници од македонската страна, што има за цел да го забрза протокот на возила и олеснување на трговијата помеѓу двете држави. Активностите се во целосна координација со институциите од српската страна, каде што наскоро ќе почне сличен зафат.

    Планираните активности се во рамките на иницијативата Отворен Балкан и согласно потпишаниот Меморандум помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија, во кој се содржани мерките за забрзување на движењето на возила, луѓе и стоки преку границата“, велат од Царинската управа на Македонија.

    Градежните зафати се очекува да завршат во првата половина на јуни, пред почетокот на туристичката сезона.

    Минатото лето, возачите и претставниците на синдикатот се жалеа дека откако е воведен концептот „едно застанување на граница” (One Stop Shop) ништо не е сменето на подобро, бидејќи граничните премини немаат инфраструктура, ни капацитет за да се примени она што е предвидено на хартија.

    Проблемот е што на секој граничен премин има само една лента за камиони. Чекаат на ред камиони со расиплива стока, зеленчук, нафтени деривати, па и празни камиони. Тие што се празни воопшто не треба да се тука, за нив треба да се обезбеди посебна лента, за да не влегуваат во царинските терминали. Исто е и за камионите што превезуваат опасни материи. Отворен Балкан воопшто не функционира, нема никакво подобрување откако е потпишан договорот. Има уште повеќе гужви и колони“, кажа претседателот на Независниот синдикат на професионални возачи Марјан Стефковски, кога беше блокиран товарниот сообраќај поради низа технички проблеми.

    Од Царинската управа додаваат дека во наредниот период ќе почне да се применува и мерката за меѓусебно признавање на потврдите за вагање товарни возила, со што ќе се намали времето за спроведување на царинските формалности.

    Царинската управа работи и на воведувањето на концептот на т. н. паметни граници, што подразбира поставување нова опрема, односно нов систем за видеонадзор и препознавање на регистарските таблички интегриран со читачи на кодови на документи, како и поставување нови автоматизирани рампи и ваги“, велат од Царинската управа.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира