СЕ ПУСТОШИ ЈАБЛАНИЦА И ДЕБРЦА, ОХРИДСКАТА ПОЛИЦИЈА НАЈАВУВА ЗАСИЛЕНИ КОНТРОЛИ ЗА ДРВОКРАДЦИТЕ

    СЕ ПУСТОШИ ЈАБЛАНИЦА И ДЕБРЦА, ОХРИДСКАТА ПОЛИЦИЈА НАЈАВУВА ЗАСИЛЕНИ КОНТРОЛИ ЗА ДРВОКРАДЦИТЕДрвокрадците најчесто користат стари возила без регистарски таблички за транспорт на нелегално исеченото огревно дрво (Фото: СДК.МК)

    Шумите во охридско-струшкиот крај се сечат безмилосно. Речиси цели предели се оголени од ваквите нелегални дејствија, кои се прават години наназад. СВР Охрид реши да стави крај на ваквата алармантна состојба со засилени активности против нелегалната сеча, нелегалната трговија со дрвна маса и пустошењето на шумите.

    „Сите овие активности СВР Охрид ги презема во континуитет самостојно, но и во координација со шумската полиција и другите институции. Заштитата на шумското богатство е една од основните цели поради кои овие активности се преземаат на целото подрачје на СВР Охрид“, вели Стефан Димовски, портпарол на СВР Охрид.

    Изминативе девет месеци реализирани биле 12 полициски контроли во сите шумски појаси во охридскиот регион. Во Струга, пак, за истиот период имало 59 акциски контроли. Одземени биле огромни количини на дрвна маса и приведени биле сторителите на овие казнени дела, против кои се поднесени вкупно 11 кривични пријави.

    Нелегалната сеча сериозно ја загрозува и Јабланица. Таму секојдневно се пустоши шумата, сведочат мештаните. Најкритично е во струшко Октиси.

    „После осум месеци, жителите на Октиси повторно се соочуваат со сеча со која се загрозуваат изворите. Јас сум тотално разочаран од целата ситуација“, вели Енис Мемедоски, претседателот на МЗ Октиси.

    Мештаните додаваат дека дрвокрадците најчесто користат стари возила без регистарски таблички за транспорт на нелегално исеченото огревно дрво. Тие, како што велат, неретко употребувале и сила.

    „Никој не помага, оставени сме сами на себе. Не можеме да се тепаме, дрвокрадците се насилни, но и не можеме да ги видиме кога го прават тоа, организирани се“, вели жител на Октиси.

    Дивата сеча години наназад е добро организиран бизнис, од кој одлично се профитира. Организирани групи собираат големи количини огревно дрво и со патнички, теренски и товарни возила, најчесто ноќе, го превезуваат и го продаваат по многу пониска цена од онаа на пазарот.

    Во полициските акции во изминатиот период биле запленети седум коњи натоварени со дрва во атарот на селото Црвена Вода во Дебрца. Три лица од струшко Мислодежда биле фатени во неовластена сеча и кражба на дрва на простор кој е сопственост на „Македонски шуми“. Пред неколку денови, на патот Струга-Дебар, полицијата заплени цел камион со крадени дрва.

    Од СВР најавија дека засилените контроли продолжуваат и во наредниот период, и тоа на територијата на Охрид, Струга и Кичево.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира