СЕ РАСПАЃА МАТИЧНАТА СЛУЖБА ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ, ПРОЗОРИТЕ И ВРАТИТЕ СЕ ИСКРШЕНИ, ЅИДОВИТЕ СЕ РОНАТ, А ТАВАНОТ Е СО ДУПКИ

    СЕ РАСПАЃА МАТИЧНАТА СЛУЖБА ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ, ПРОЗОРИТЕ И ВРАТИТЕ СЕ ИСКРШЕНИ, ЅИДОВИТЕ СЕ РОНАТ, А ТАВАНОТ Е СО ДУПКИСо години матичното личи како да е запуштен објект, а не место каде се одржуваат венчавки и се вадат изводи од матична книга на родени, умреници и венчаници.(Фото: СДК.МК)

    Матичната служба во скопската општина Ѓорче Петров се распаѓа. Со години Матичното личи како да е запуштен објект, а не место каде се одржуваат венчавки и се вадат изводи од матична книга на родени, умреници и венчаници.

    Кога ќе дојдете до објектот не верувате дека една државна инстутиција може да биде сместена во ваков објект и во неа да работат луѓе, а граѓаните тука да доаѓаат да вадат изводи. Вратите се стари над 60 години, односно не се сменети откако е изграден објектот. Прозорците се искшени, решетките со кои се затворени се рѓосани и завиени во прашина. Речиси сите простории се надвор од употреба и во нив ѕидовите се ронат, има ѓубре и бетон што паѓал од таванот, како и расфрлени стари документи.

    Таванот има дупки и може секој момент цел да падне. (Фото: СДК.МК)

    Функционираат само две простории, едната каде се одржуваат венчавките и втората каде се издаваат изводите. Ходникот по кој се стигнува до нив е без светло, а таванот се распаѓа, има дупки и може секој момент цел да падне. И двете простории кои се во функција се во ужасна состојба, ништо не е реновирано откако е изграден објектот пред 60 години. Салата за венчавки ни малку не доликува на место каде се одржува свечениот момент на младенците, прозорите се стари, теписонот полн со прашина, ѕидовите се ронат. Иста е состојбата и во канцеларијата каде се издаваат документите.

    Низ канцелариите ѕидовите се ронат и стојат расфрлени документи и паднати парчиња бетон од таванот. (Фото: СДК.МК)

    Иако овој објект со години е во ваква очајна состојба, Управата за водење на матични книги не го реновира. Директорот на Упрвата Емир Сулејмани вели дека имаат проблем со имотно-правните односи на тој објект и затоа не можат да ги реновираат.

    „Знам дека објектот е во многу лоша состојба и јас навистина сакам да го реновираме како што направивме со неколку објекти низ државата. Но, за жал, тој објект е сопственост на Министерството за култура и ние не можеме да правиме инвестиции во туѓи објекти. Се обидуваме да ги решиме овие проблеми, но ако не успееме до крајот на годинава тогаш ќе бараме други простории. Подобра ќе плаќаме кирија отколку во вакви услови да работат луѓето, а граѓаните да одат по документи“, вели Сулејмани.

    Впечатокот е како да станува збор за напуштен објект, а не државна институција. (Фото: СДК.МК)

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира