Искршена и запуштена стои поранешната цвеќарница на ЈП „Паркови и зеленило“ која се наоѓа на булеварот Илинден, до бараките на Општина Центар. Со години, овој објект спроти бараките на Град Скопје и канцеларијата на градоначалникот на Скопје не е во функција и стои демолиран, наоколу има парчиња искршени стакла, а кровот е пред паѓање.
Овој објект, во минатото кога постоеше старото Матично, беше цвеќарница и оттука младенците и гостите купуваа цвеќиња за венчавките. Откако Матичното пред 10 години престана да работи, затворена беше и цвеќарницата. Низ годините исто како и Матичното беше оставена да скапува и на надлежните од ЈП „Паркови и зеленило“ не им текнува објектот кој е во центарот на градот, на само неколку метри од Градскиот парк, да го реновираат и да му дадат друга намена.
Пред 4 години, во времето на ексградоначалникот Саша Богдановиќ, беше реновиран запуштениот објект на Матичното и претворен во Младински центар.
А. АНТЕВСКА