СЕ РЕСТАВРИРААТ 38 ИЗЛОЗИ ОД БИТОЛСКАТА СТАРА ЧАРШИЈА

    СЕ РЕСТАВРИРААТ 38 ИЗЛОЗИ ОД БИТОЛСКАТА СТАРА ЧАРШИЈАИзлозите се изработени од масивно дабово дрво и стакло. (Фото: СДК.МК)

    Во тек е реставрација на 38 излози од 16 објекти со културно-историско значење во битолската Стара чаршија. Излозите кои беа дотраени и со години оставени на забот на времето, сега се заменуваат со нови, унифицирани за сите објекти, кои имаат автентичен изглед. Излозите се изработени од масивно дабово дрво и стакло. Реставрацијата се спроведува со средства обезбедени преку Министерството за економија.

    „Навистина имавме мака со дограмата, дуваше од сите страни, особено во зима, кога во Битола темепратурите се многу ниски и со ништо не можевме да го затоплиме дуќанот. Сега, со новата дограма, разликата е веќе видлива и ја чувствуваме промената“, велат сопствениците на објектите сместени покрај реката Драгор во Чаршијата.

    Од Општина Битола велат дека излозите на овие објекти конечно го добиваат изгледот кој го заслужува нивната историска вредност, во функција на создавање услови и нови можности за понатамошен развој и напредок од културен, туристички и економски аспект.

    Проектот за конзервација и реставрација на излози во битолската Стара чаршија е во вредност од 3.800.000 денари (околу 62.000 евра), субвенциониран од Министерството за економија, согласно програмата за туризам за 2018 година. Општина Битола во изминатиот период ги заврши сите потребни процедури за реализација на проектот и промена на излозите на 16 значајни објекти кои се во сопственост на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.

    Досега се поставени 15 нови излози од предвидените 38, а активностите продолжуваат следните денови до комплетна реализација на проектот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира