СЕ СТАВААТ ВО МИРУВАЊЕ ТРИ ПОДРАЧНИ УЧИЛИШТА ВО БИТОЛА, А ВО ДВЕ ЌЕ ИМА САМО ПО ЕДЕН УЧЕНИК

    СЕ СТАВААТ ВО МИРУВАЊЕ ТРИ ПОДРАЧНИ УЧИЛИШТА ВО БИТОЛА, А ВО ДВЕ ЌЕ ИМА САМО ПО ЕДЕН УЧЕНИККуриозитет во целиот процес на оптимизација е тоа што две училишта остануваат да работат со по едно прваче како единствен ученик во целото школо. (Фото: СДК.МК)

    Три подрачни училишта во селата Породин, Канино и Дихово во Општина Битола се ставаат во мирување во престојната учебна година. Исто така, се оптимизираат и 13 паралелки во осум основни училишта во прво и шесто одделение по насоки на Министерството за образование и наука (МОН), соопшти градоначалникот Тони Коњановски на прес-конференција.

    Ова е прва година од спроведувањето на процесот на оптимизација односно рационализација во битолските училишта и се започнува од прво и шесто одделение. Во нив паралелките ќе имаат ученици над законскиот минимум, односно над 20. Другите одделенија, годинава нема да бидат опфатени со оптимизацијата и ќе биде дозволено да работат по старо, со помалку од 20 ученици.

    „Да напомениме дека подрачните училишта не се затвораат, тие се ставаат во мирување. И тоа секако во согласност со родителите. Доколку има и едно дете за кое родителот искажува волја да продолжи само да учи во тоа училиште, ние тоа и го почитуваме. За учениците каде школите се во мирување ќе се обезбеди наставен процес во најблиското училиште и превоз дотаму“, рече Коњановски.

    Годинава во Општина Битола има 665 првачиња што е за 4 повеќе од лани. Но, според списоците на МВР во училишните клупи во прво одделение требаше да седнат 853 ученици или за 188 повеќе од моментално запишаните. Од Секторот за образование при Општината велат дека разликата се должи на тоа што сѐ уште трае процесот на запишување, но дека има и семејства кои се во странство, но можат да се вратат и имаат право да ги запишат децата во училиште.

    Во пет подрачни училишта годинава нема запишани првачиња, но училиштата остануваат да работат зашто има ученици во другите одделенија, а ова се и живи села, па можно е вгодина да има упис на нови ученици. Куриозитет во целиот процес на оптимизација е тоа што две училишта остануваат да работат со по едно прваче како единствен ученик во целото школо.

    „Имаме две подрачни училишта во кои имаме само по еден ученик, но по барање на родителите учениците остануваат во тие подрачни училишта и ќе функционираат со по еден ученик. Тоа се училиштата во Поешево и Кременица“, изјави советничката за образование при Општина Битола, Наташа Ташкова-Поповска.

    Со оптимизацијата ниеден просветен настваник нема да остане без работа и оваа година нема да биде преместен како образовен асистент.

    „Инаку, вкупниот број на ученици во основното училиште во општина Битола е 6.903. Во средните во учебната 2026/2027 година вкупно во прва година се запишани 698 ученици. Во претходната учебна година бројот на ученици во прва година беше 709. Тоа значи помалку 11 ученици. Вкупниот број во средното образование на ученици во оваа учебна година 2026/2027 е 2.914, за разлика од изминатата учебна година 2025/2026 кога имавме 2.912 ученици“, рече Коњановски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира