Тимови за потрага и спасување во вода се по потрага на 16-годишно исчезнато девојче во реката Вардар, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Оттаму велат дека денеска, во 16:42 часот, на бројот за итни повици била примена пријава за две потонати женски лица, на возраст од 16 и 26 години, во реката Вардар, во близина на селото Уланци, Општина Градско.
Пријавата била поднесена од лице присутно на местото на настанот – сестра на 16-годишното девојче – која, во видно вознемирена состојба, побарала итна помош. Набргу потоа, се јавил и доктор од Итната медицинска помош во Велес, кој ја потврдил информацијата и побарал ангажирање на тимови за потрага и спасување на вода.
„По приемот на пријавата, Центарот за управување со кризи веднаш ги извести надлежните институции – СИКС при МВР, Оперативниот центар на Генералштабот и Дирекцијата за заштита и спасување – со барање за итно ангажирање на тимови за потрага и спасување на вода. Според последните информации од терен, на локацијата е присутна екипа на МВР со чамец, а 26-годишната жена е пронајдена жива. Потрагата по 16-годишното девојче продолжува“, велат од ЦУК.