Вработените во пералницата на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ кои штрајкуваа од 12 август, од денеска се на работа и се надевам дека за максимум две недели ќе најдеме решение за неисплатените плати, кажа министерот за здравство Азир Алиу по посетатата на Клиничката болница во Тетово.
Единаесет вработени во пералницата, коишто се грижат сите клиники да добијат чисти чаршафи за болните и хирурзите да добијат облека за операциите, почнаа со штрајк на 12 август, бидејќи, како што објави „Слободен печат“ ,од февруари не им се исплатени платите затоа што Владата го нема реализирано договорот за јавно-приватно партнерство за стерилизација на инструменти, во чиј склоп е и пералницата. Вработените во пералницата реагираа дека работат во небезбедни услови за работа, со неисправни машини и без здравствено осигурување.
„Денеска изутрина имав состанок со вработените во пералницата. Тие таму веќе работат, а јас ги информирав дека пред 10 дена Владата ме задолжи како Министерство за здравство и како министер да почнам преговори со приватната компанија со која имаме јавно-приватно партнерство за да најдеме решение. Тоа приватно партнерство со таа компанија датира уште од 2019. Досега немаме никаков резултат и сега треба да видиме дали пречката е во административните процеси од наша страна или е од страна на приватниот партнер. Како и да е, вработените од денес се на работа и ќе го чекаме исходот кој ќе биде брзо, најверојатно максимум за две недели“, ни рече Алиу по посетата на Тетовската болница.
Од фирмата „Скопстер“ за „Слободен печат“ вчера изјавиле дека пералницата во рамките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје во иднина треба да е дел од јавно-приватното партнерство за ингрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции, односно да прерасне во втор центар за стерилизација. Во меѓувреме, „Скопстер“ управува со пералницата од јануари 2024 врз основа на владина одлука, ама не можат да почнат да реновираат зашто ни Владата ни Министерството за здравство не го почнуваат проектот за стерилизација, иако „Скопстер“ има проект за реновирање на пералницата. Дополнително, се жалат дека Општи и заеднички работи не им исплаќаат навремено и им должат 175 илјади евра за кои им испратиле фактури.
„Конкретно, преземавме обврска да ја менаџираме пералницата во затекнатата состојба, како што е повеќе од 50 години (со застарена опрема) и со сите вработени за што, за редовното функционирање службата Општи и заеднички работи треба да ни плаќа надомест ‐ нешто што се реализира со голем застој и доцнење. Во врска со тековниот проблем со исплата на заостанатите плати во пералницата при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ сакаме да информираме дека сме во постојана комуникација со Министерството за здравство, како корисник на оваа услуга. И взаемно бараме решение ‐ како да не дојде до застој во работата на пералницата. Имено, како оператори со пералницата, покрај третманот на плати, реализираме и низа техничко‐оперативни активности (набавка на репро‐материјали, одржување за непречено работење и менаџирање), кои исто така се значителен трошок. Во таа смисла бараме од ОЗР редовно и во целост да ги реализира обврските кон нас, како би можеле и ние, следствено, да ги реализираме нашите обврски кон вработените и сите добавувачи“ изјавија од „Скопстер“.
Оттаму велат дека имаат целосно разбирање за финансиските проблеми на ОЗР, но финансиската дисциплина во општество со пазарна економија треба и мора да се почитува.
„Во спротивно, ние како приватна компанија се соочуваме со предизвик и понатаму да бараме средства од други извори за финансирање, што значи дополнителен, финансиски трошок. До овој момент, ОЗР по основ на уредно издадени фактури ни должи 10.802.752 денари или нешто повеќе од 175.000 евра, конкретно фактури за целосно извршени услуги за 6 месеци: 12.2024; 01.2025; 02.2025; 03.2025; 06.2025 и 07.2025“, додавааат од „Скопстер“.
Директорот на службата Општи и заеднички работи Башким Бакиу завчера изјави дека ќе побара Трудова инспекција да влезе во пералницата и за „Слободен печат“ изјавил дека досега кон „Скопстер“ исплатил доволно пари за да се исплатат плати за две години.
З. АНДОНОВ