СЕ ВРАТИВ ОД ИТАЛИЈА ЗА ДА НЕ ЗГАСНЕ СEМЕЈНАТА ФУРНА, ВЕЛИ ДРАГА ВАЛАСКА ОД БЕРОВСКОТО СЕЛО МИТРАШИНЦИ, КОЕ МАСОВНО СЕ ИСЕЛУВА ОД 2000

    СЕ ВРАТИВ ОД ИТАЛИЈА ЗА ДА НЕ ЗГАСНЕ СEМЕЈНАТА ФУРНА, ВЕЛИ ДРАГА ВАЛАСКА ОД БЕРОВСКОТО СЕЛО МИТРАШИНЦИ, КОЕ МАСОВНО СЕ ИСЕЛУВА ОД 2000Валаска вели дека младите немаат намера да се вратат во селото (Фото: СДК.МК)

    Животниот пат ја одвел Драга Валаска во Италија, но по неколкудеценискиот престој се врати во Македонија и во своето родно село Митрашинци.

    Оддалечено 17 километри од Берово, Митрашинци важи за партизанска престолнина во Источна Македонија, затоа што во ова место во 1944 година биле формирани 13. и 14. Македонска ударна бригада.

    „Многу ми е мило што се вратив и не дозволив да згасне семејната фурна. И брат ми има намера да се врати од Италија, но не сме сигурни дали тоа ќе го сторат и нашите деца“, вели Валаска.

    По нејзиното враќање, нивната селска фурна на дрва повторно почнала да пече леб.

    „Фурната ни е наследство. Си печеме леб најмалку еднаш или двапати во неделата за да има за сите. Една фурна ни носи 11 леба, чија тежина е речиси два килограми“, вели Драга.

    Нејзиниот брат Маринко Баболински вели дека доаѓа секое лето, но има намера постојано да се врати во Митрашинци.

    „Речиси 30 години живееме и работиме во Алба во регионот на Торино. Јас и сопругата имаме на ум да се вратиме во Митрашинци, но за децата не верувам. Тие во Италија веќе си формираат свој живот“, вели Маринко.

    Митрашинци имало 2.000 жители до почетокот на овој век, кога почна масовното иселување. Младите најчесто заминуваат во Италија. Денес селото брои околу 500 жители.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира