Ноќеска околу 1.30 часот се запалија бараките на ЈП „Улици и патишта“, зад трговскиот центар Буњаковец во центарот на Скопје. Како што изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на претпријатието Борис Настов, пожарот настанал од паркирана кола, која експлодирала и оганот се проширил во бараките.
„За жал, пожарот се прошири низ сите бараки и сега тие се уништени. Чуварот интервенирал и повикал Пожарна, но оганот брзо се ширел. Во овие простории нема да може веќе да се работи. Се спремавме за снегот, а не изненади пожар“, вели Настов, кој минатата недела беше назначен за в. д. директор на претпријатието.
Во моментов пожарот уште не е целосно изгаснат, на терен се возила на Пожарната бригада на Град Скопје, а просторот е затворен за пристап. Командантот на скопската Пожарна Владимир Симоновски вели дека по добиената пријава интервенирано е со шест возила, а во моментов на терен е едно возило.
А. АНТЕВСКА