Седницата на Советот на Општина Битола беше неправилно прекината, рече министерот за локална самоуправата Ристо Пенов денес во Битола, одговарајќи на новинарско прашање што утврди Државниот инспекторат по надзорот извршен во Советот.
Седницата на 20 април беше прекината од претседатeлката на Советот Габрила Илиевска од граѓанската иницијатива Поинаку, со образложение дека постапила по член 65 од Деловникот за работа и дека по напуштањето на седницата на советниците од СДСМ сакала да направи дополнителни консултации со советничките групи.
Но, советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ДУИ избраа друг претседавач на седницата и ја продолжија, па беа изгласани завршните сметки на јавните претпријатија од кои дел се со загуби. Седницата продолжи и следната недела, кога локалното мнозинство предвоидено од ВМРО-ДПМНЕ постигна кворум со Левица и ДОМ. По ова, Илиевска го повика Државниот инспекторат за локална самоуправа да изврши надзор за случувањата во Советот.
„Тоа е во наделжност на Инспекторатот и тие се независни во тој поглед. Таму има неколку работи. Седницата е, како да речам, неправилно прекината. Точките што се изгласани до прекинот не се потпишани, што е прекршок. Продолжението е со потребно мнозинство и тие точки што се гласани со тоа мнозинство, ќе бидат, јас сега прејудицирам оти инспекторот носи одлука, ќе бидат потврдени. Има деловнички точки кои бараат квалификувано мнозинство кои не можат да бидат прифатени, ќе мора да бидат обновени. Но, во секој случај ќе направиме напор Советот да продолжи со работа и Општината да функционира нормално“, рече Пенов.
Вонредна седница на Совет со три точки на дневен ред е закажана за утре во 12 часот, од претседателката Илиевска. Изминатите денови градоначалникот Коњановски, кадар на ВМРO-ДПМНЕ, преку Фејсбук ја повика претседателката Илиевска итно да закаже вонредна седница, зашто потребно е да се донесат одлуки за важни за градот. Таа исто така преку Фесјбук му одговори:
„Да ви беше гајле за Битола и за проектите денес низ град ќе имаше нови камиони за ѓубре, видлив нов парк, нови паркинг места и уреден простор секаде кај шо се турнаа гаражите, немаше да вработувате по список од партија, немаше да делите пари на роднини и пријатели“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА