СЕКОЕ НЕВАКЦИНИРАНО ДЕТЕ Е ДУПКА ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ, ВЕЛИ Д-Р МАРИНА ТОДОРОВСКА ОД ВЕЛЕШКАТА СЛУЖБА ЗА ВАКЦИНАЦИЈА

    СЕКОЕ НЕВАКЦИНИРАНО ДЕТЕ Е ДУПКА ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ, ВЕЛИ Д-Р МАРИНА ТОДОРОВСКА ОД ВЕЛЕШКАТА СЛУЖБА ЗА ВАКЦИНАЦИЈАОпфатот со вакцинацијата на децата од најрана возраст во Велешко е 90 проценти, освен за МРП (морбили, рубеола и паротитис) кој е 77 отсто. (Фото: Здравствен дом Велес)

    Откако заврши Неделата на имунизација, годинава именувана „Имунизација, придобивка за сите“, во Велес продолжи теренската посета „Од врата до врата“ на екипите на службите за вакцинација. На различни делови од градот до 15 мај  се бараат  деца кои не се вакцинирани.

    „Досега не сме нашле деца-фантоми, доселени од други места, живеат во Велес, а да не се вакцинирани. Посетуваме социјално ранливи, загрозени семејства, ромска популација, но досега немало вакви случаи. Бараме родени, а непријавени деца, или родени дома кои не се пријавени, но досега годинава не сме сретнале дете на терен кое не е вакцинирано“, кажа д-р Марина Тодоровска од Службата за вакцинација на деца од претшколска возраст при Здравствен дом Велес.

    Опфатот со вакцинацијата на децата од најрана возраст во Велешко е висок, 90 проценти, освен за МРП (морбили, рубеола и паротитис) кој е 77 отсто. Родителите ги носат нивните деца на вакцинација од МРП подоцна, после 18 месеци возраст, не на 12 месеци кога треба да се прими по вакциналниот календар.

    Во Велес продолжи теренската посета „Од врата до врата“ на екипите на службите за вакцинација. (Фото: Здравствен дом Велес)

    „Опфатот на децата на една година возраст кога  се пушта првата вакцина е малку подобрен, но тоа не нѐ радува. Тоа што радува е зголемениот опфат со ДТП вакцина (дифтерија, тетанус, пертусис-магарешка кашлица). Процентот е значајно зголемен, по прогласувањето на епидемија за магарешка кашлица лани. Од 79 отсто  опфатот стигна до 90 отсто. Тоа се должи на нашата работа со родителите и улогата на градинката, соработката со нив покажува добри резултати. Подоцнежната вакцинација на детето влијае на колективниот имунитет. Бројките што ги кажаа за сите вакцини, не се голи бројки, се одразуваат на колективниот имунитет. Секое невакцинирано дете е дупка во тој здравстен систем и ја загрозува состојбата на луѓето кои не можат да се вакцинираат – бебиња, монокомпромитирани луѓе, онколошки болни и други ранливи категории кои во случај на епидемија не можат да примат вакцина, а можат да ги трпат последиците“, рече д-р Тодоровска.

    Од годинава задолжителна е вакцинацијата за заштита од ХПВ, (хуман папилома вирус) и за машките деца.  Во Велешко, заедно со децата од соседните општини Градско и Чашка родени 2012 кои се сега седмо одделение, е висок опфатот. Оваа вакцина се воведе како задолжителна за момчињата, поради тоа што тие се преносител на вирусот при сексуалниот чин, а тој влијае на здравјето кај машката популација со карцином на простата, анус, додека кај жената предизвикува  рак на грло на матката.

    „Опфатот за ХПВ  е висок, 93 отсто прва доза и 94 отсто за втора доза. И сите други вакцинации на нашето Одделение  се над овој процент. Така, ревакцинацијата на 6-годишна возраст за МРП е 97 насто,  за ДТР  на шестгодишна возраст е 93%, а на 13-годишна возраст е 96%. За тетанус е 93 проценти, за полио на 7 години е 93, а ревакцината на 13 години е 96 отсто“, рече  д-р Тања Самаркова од Службата за вакцинација на деца од школска возраст при  Здравствен дом Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира