Во дворот на управата на Националниот парк „Шар Планина“ отворена е едукативна патека на која учениците од тетовските училишта, преку изложени експонати од флората и фауната, ќе можат да се запознаат со природата на планината.
„Преку оваа едукативна патека учениците ќе можат да видат сѐ што има од природата на Шар Планина. Но, не само ова, нашата соработка со основните и средните училишта ќе продолжи и со други активности, се предвидува учениците и да ја посетат планината, каде што на секого ќе му биде овозможено да засади по едно дрво. Учениците ќе им дадат име на дрвјата и додека се школуваат, секој ќе се грижи и ќе го негува неговото дрво. Со ова сакаме учениците да ги вклучиме во процесот на чување, грижа и заштита на природата и тие во иднина да станат своевидни амбасадори, кои на најдобар можен начин ќе ја претставуваат Шар Планина“, вели Ибраим Дехари, директорот на Националниот парк „Шар Планина“.
Оваа едукативна патека и натамошните активности во оваа насока се поддржани од организацијата „Глобал корпорејшн“, која им помага на националните паркови во зачувување на нивните природни убавини.
„Ние се бориме против илегални активности во внатрешните граници на националните паркови. Веруваме дека едукацијата на најмладите помага многу за зачувувањето на природата. Во тој поглед, ние сме подготвени да му помагаме на Националниот парк ‘Шар Планина‘“, изјави Мустафа Ѓунен, директорот „Глобал корпорејшн“ за Европа и Азија.
З. АНДОНОВ