СЕЛАНИТЕ ОД БЛАТЕЦ НА 20 ФЕВРУАРИ ДВА ЧАСА ЌЕ ГО БЛОКИРААТ МАГИСТРАЛНИОТ ПАТ ВИНИЦА-БЕРОВО НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ИЗГРАДБА НА ХИДРОЦЕНТРАЛА ВО СЕЛОТО

    СЕЛАНИТЕ ОД БЛАТЕЦ НА 20 ФЕВРУАРИ ДВА ЧАСА ЌЕ ГО БЛОКИРААТ МАГИСТРАЛНИОТ ПАТ ВИНИЦА-БЕРОВО НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ИЗГРАДБА НА ХИДРОЦЕНТРАЛА ВО СЕЛОТОБлокадата ќе се одржи на 20 февруари од 15 до 17 часот, токму на местото каде што од овој магистрален пат се скршнува десно кон селото Блатец. (Фото: СДК.МК)

    Жителите од селото Блатец на 20 февруари два часа ќе го блокираат магистралниот пат Виница-Берово кај местото Скараница, каде што се наоѓа крстосницата од која по локалниот пат, по неколку километри, се стигнува до селото. Тоа е последната одлука на жителите на Блатец, донесена во знак на револт, откако по три и пол години повторно се приморани да протестираат и да го блокираат преминот кон реката Блатешница, поради најавата дека некој сака да изгради минихидроцентрала на оваа река, од која селото се снабдува со вода за пиење и за наводнување.

    „По денешната, општа и акламативна одлука на повеќе од 1.100 жители на селото, Месната заедница (МЗ) пријави блокада на магистралниот пат Виница-Берово во ОВР Виница, со напомена дека блокадата ќе се одржи на 20 февруари, во времетраење од два часа, од 15 до 17 часот, токму на местото каде што од овој магистрален пат се скршнува десно кон селото Блатец. Во двете насоки ќе се пропуштаат само специјалните возила на брзата помош“, вели членот на МЗ, Блаже Анакиевски.

    Според договорот на жителите од Блатец, оваа блокада е предупредувачка мерка. Ако нивните барања не бидат прифатени, најавуваат дека ќе преземат и порадикални чекори.

    „Не отстапуваме од нашите заклучоци и барања до Министерството за енергетика и Владата да се поништат концесиите за изградба на мини-хидроцентрала на нашата река, која како општо добро за народот значи живот, бидејќи локалната река Блатешница е основниот извор на селото за вода за пиење и за наводнување на земјоделското земјиште“, велат од Месната заедница .

    Анакиевски додава дека веќе добиле максимална поддршка од повеќе еколошки невладини организации и повикува на поддршка за блокадата на 20 феврури.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира