Селата кои се наоѓаат во повисоките предели на Шар Планина немаат свои депонии за одложување на отпадот, па тој завршува во планинските долови или се фрла директно во потоците и реките кои тука минуваат. Овој еколошки проблем стана уште поголем кога Шар Планина беше прогласена за Национален Парк. Со цел да се заштити природата и да се исчисти планината од дивите депонии кои се формираат кај секое планинско село, денеска започна акцијата наречена „Генералка викенд“. Во акцијата се вклучени волонтери, АРМ, специјалната единица ЕБР, вработени во НП „Шар Планина“, тетовските комуналци и ЦУК, кои почнаа да го отстрануваат сметот кај селата Вешала и Бозовце.
„Во наредниве три дена спроведуваме специјална акција на Шар Планина во која ќе чистиме кај селата Вешала и Бродец. Компанијата ‘Саубмахер‘, која управува со отпадот во Тетово, потоа ќе постави контејнери за тамошните жители да имаат каде да го одложуваат отпадот и да не го фрлаат на диви депонии. Акцијата во другите општини ќе се одвива од 17 до 19 мај“, изјави Гордана Софија од австриско-македонската организација „Мен енд маунтен“, која е организатор на „Генералка викенд“.
Од НП „Шар Планина“ редовно го потенцираат проблемот со одложувањето на сметот во високопланинските села. Бидејќи ниедно од овие села нема регуларна депонија за отпад, ниту има контејнери, селаните отпадот го фрлаат каде што ќе стигнат, а најчесто во речните корита.
„Откако ќе ги исчистиме дивите депонии кај Бозовце и Вешала, компанијата ‘Саубмахер‘ треба да постави контејнери и еден период нема да го наплатува подигањето на сметот за да се стимулираат селаните да го фрлаат сметот во контејнерите и да видат што значи чиста животна средина. Во наредниот период контејнери треба да се постават и во другите села. Минатата година во фокусот на НП ‘Шар Планина‘ беше чистењето на планинарските патеки, кога собравме над 1.000 вреќи смет, а оваа година сме насочени кон отстранување на сметот од планинските села“, вели Ибраим Дехари, директорот на НП „Шар Планина“.
Акцијата „Генералка викенд“ започна во 2021 и е најголемата еколошка акција во нашата земја и во Западен Балкан. Сега во неа се вклучени 20.000 волонтери, 81 општина, 350 училишта и над 400 други здруженија и организации.
З. АНДОНОВ