Високо над тетовското село Брезно, звукот на моторните пили и на тракторите се секојдневна појава. Во еден од најубавите предели на Шар Планина, дивото сечење на шумите е во полн замав. Безмилосно се сече столетна дабова и букова шума, а од некогашните густи шумски предели се создаваат голи брда.
„Вака е со години наназад. Шумата се сече безмилосно и никој не презема речиси ништо да се спречи ова. Ако продолжи вака, за некоја година, на овој дел од Шар Планина ќе нема ниту едно дрво“, вели Муарем Османи, претседател на месната заедница од Теарце.
Тој неколку години откако е на оваа функција жестоко се бори против дивото сечење на шумите, но, како што вели, никој не сака да ја спречи оваа незаконска појава.
„Сме биле и во Министерството за земјоделство и во шумското претпријатие ‘Лешница‘ во Тетово, но никаде нема разбирање за нашите апели. Еве, по вторпат, ние жителите на Теарце доставуваме петиција до надлежните служби да преземат активности и да се спречи дивото сечење. Убеден сум дека и оваа најнова петиција, која ја потпишавме 380 жители, ќе заврши некаде во фиоките. Сите ветуваат и ме убедуваат дека ќе преземат нешто, но тие ветувања траат само додека не ја напуштам нивната канцеларија. Порано, пред триесетина години, на просторот од Јажинце до Тетово, имаше само еден шумар, познатиот Никола Шумарот, и тој се грижеше за целата оваа шума. Тогаш никој кој немаше дозвола за сеча не се осмелуваше да влезе во шумата со секира, а не со моторни пили и трактори да пустоши по неа, зашто имаше закон и ред. Сега, во секое село имаме по еден шумар, а шумата секојдневно се уништува“, револтирано зборува Муарем.
Тој вели дека најголемата штета ја прават дивите сечачи, кои кога ќе влезат во шумата, ја уништуваат до корен.
„Ова е голем бизнис. Еден трактор со дрва вреди од 200 до 250 евра, дневно можат да се исечат и натоварат четири-пет трактори, па пресметајте колку пари се вртат месечно и годишно“.
На патот над селото Брезно го среќаваме Стојче. Не живее во селото, но има куќа и имот во планината. На него неодамна дрвокрадците му направиле огромна штета.
„Ми исекоа 18 големи костенови дрва од имотот што го имам горе во планината. Дента бевме на имотот, слеговме во селото, а наредниот ден ни ги исекоа дрвјата. Секаде бев и се жалев, 11 пати бев во Министерството, 14 пати во шумското претпријатие, но залудно, никој не помага, ниту презема нешто“, со видна тага во гласот зборува Стојче.
За алармантната состојба со шумите на Шар Планина подолго време зборуваат и планинарите. Велат освен шумите над селото Брезно и месноста Три Води, масовно се сече и на другите предели, посебно во атарите над селата Боговиње, Камењане, Порој и Џепчиште и месноста Плоча, каде многу брда целосно се соголени.
„Неодамна направив споредба на новите сателитски снимки на селото Брезно со првите достапни на Google Earth за овие подрачја, кои датираат од 2002. Може да се забележи невидениот размер на дивата сеча низ овие шуми. Се забележува дека за изминативе 16 години е нанесена штета која не може да се надомести ниту во наредните 60 години“, вели планинарот Бошко Видоевски.
Идејата Шар Планина да се прогласи за национален парк е долго време присутна. Иако на почетокот наидуваше на отпор кај локалното население, сега и тоа масовно ја поддржува.
„Шар Планина мора да се прогласи за национален парк, мислам дека само така ќе може да се спаси. Еве, од другата страна на Шар Планина, во Косово, целата област е прогласена за национален парк и самиот се уверив како добро функционира тоа“, вели Муарем Османи.
По патот над селото Брезно поминува трактор натоварен со дрва. Муарем дискретно посочува да не се фотографира, бидејќи дрвокрадците често знаат да бидат агресивни кон локалното население.
Тетовскиот регион е опкружен со планините Сува Гора, Жеден и Шар Планина. За овие планински области се грижат 17 шумски полицајци, кои, како што велат од шумската полиција, досега работеле во многу тешки услови и опремени со стари и дотраени теренски возила, кои често биле во дефект. Сепак, велат дека состојбата со дрвокрадството не е толку алармантна, бидејќи планинарите не можат да знаат и да разликуваат што е легална сеча за која има дозвола, а што нелегална.
„За разлика од порано, сега возилата ни се исправни, имаме гориво, но недостасува стручноста. Мора да имаме професионални кадри. Во последно време добро е што Министерството за внатрешни работи се вклучува во акции против бесправната сеча“, велат од шумската полиција.
Се жалат дека фатените дрвокрадци најчесто завршуваат со прекршочни пријави и судовите ретко им изрекуваат казни.
„Од почетокот на годинава, одземени се само 13 возила и пет трактори со дрва, како и пет моторни пили“, додаваат од Шумската полиција во Тетово.
З. АНДОНОВ