По кажувањата на локални собирачи и планинари, шарпланинскиот чај некогаш го имало во изобилие, но денес поради интензивното берење со корнење, во големи количини и берење пред целосно да расцвета, популацијата драстично му е намалена и од тие причини видот се наоѓа пред исчезнување.
„Шарпланинскиот чај е ендемски вид, се наоѓа на црвени листи на IUCN, на Анекс II од Директивата за живеалишта на ЕУ и е на списокот на заштитени видови во нашата земја. Затоа видот е ставен во редовен мониторинг, а оваа година за првпат почнавме со теренски истражувања кои покажаа дека виталноста на популациите е под дополнителен притисок на климатските промени. Видот е чувствителен на високи температури и суша, а ова лето се соочи со многу тешки услови за опстанок. Сите локалитети на кои вирее на Шар Планина се наоѓаат во зоната на строга заштита и поради статусот пред исчезнување, неговото собирање не е дозволено. Затоа апелираме до сите посетители на планината: Строго е забрането да се бере шарпланинскиот чај“, велат од Националниот парк (НП) „Шар Планина“ кои интензивно работат на спас од исчезнување на ова благородно растение.
Научното име му е „Sideritis scardica“, доаѓа од грчкиот збор за σιδηρίτις (сидеритис) или „железен“, латинското име за Шар Планина е Scardus, а меѓу народот е познат како шарпланински чај. Ова растение расте во изолација во високите планински пасишта најчесто на висина над 1.500 метри, во суви предели, на песоклива почва, на карпи или карпести пукнатини. Кај нас најмногу го има на високите предели на Кораб, Бистра, Галичица и Шар Планина, а тој што расте на планината Љуботен, многумина го сметаат за највкусен. Цвета од јуни до август, во зависност од регионот и надморската висина.
Чајот направен од ова растение е со убава жолта боја, прекрасен мирис и вкус, има многу лековити својства и може да се пие и во поголеми количини бидејќи не содржи отровни материи. Според познатиот билкар Васо Дервенџи, шарпланинскиот чај кај нашиот народ се употребува против настинка, грип, заболувања на дишните патишта, на желудникот и цревата. Во западната медицина, пак, му препишуваат и својство на подмладување на организмот и е многу ценет и баран.
Покрај тоа што Шарпланинскиот чај успешно расте во високи предели, тој може да се одгледува и во вештачки услови во алеи со песок, или масовно да се сади во атарите на високопланинските села на Шар Планина. Иако вака засадениот чај го нема оној препознатлив мирис и вкус како тој собран на планина, со одгледување во домашни услови може да се заштити популацијата во природата, а локалното население да оствари приход.
З. АНДОНОВ