Откако на 18 јуни Термоблокот 2 од РЕК „Битола“ автоматски беше исклучен од електроенергетскиот систем поради пожар, Комбинатот кој е најголем производител на електрична енергија во државата, веќе шест дена не произведува струја. Од РЕК соопштија дека Термоблокот 1 е во редовен годишен ремонт од 10 јуни, а Термоблокот 3 е исклучен од мрежата поради актуелните намалени потреби за електрична енергија од универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“. Блокот 2 беше ставен во функција попладнево по 18 часот, соопштија од Комбинатот.
Пред шест дена, од РЕК соопштија дека Термоблок 2 автоматски бил исклучен од електроенергетскиот систем како последица на зголемена температура од опожарени дрвени елементи во близина на ормарот за електронско управување. Изразија сомнеж дека се работи за саботажа, поради што за случајот била известена Криминалистичката полиција, која извршила увид на местото на настанот заради утврдување на сите околности. Истрагата уште трае.
И од СВР Битола потврдија дека на 18 јуни кај нив било пријавено оти во просторот каде се сместени блоковите за производство на струја во РЕК „Битола“ настанал пожар на заштитна куќарка кој бил изгаснат од Противпожарната единица на Комбинатот.
„Во меѓувреме, снабдувањето со електрична енергија во државата е целосно обезбедено. Ова се постигнува преку ТЕ Осломеј, зголеменото производство од хидроелектраните на АД ЕСМ, како и преку балансирана набавка и продажба на електрична енергија преку Националниот оператор за пазар на електрична енергија (МЕМО)“, соопштија од РЕК.
По пожарот и заприрањето на производството, опозиционата СДСМ обвини дека новото раководство на РЕК потпишало рамковна спогодба вредна 150 милиони денари за технолошко чистење со фантомска фирма без ниту еден вработен.
„Компанијата е без техничка опрема, кадар и искуство. И се случува пожар. Блоковите испаѓаат од мрежата. Но, вистинската саботажа е од страна на директорите кои наместо да ангажираат сериозна фирма која може да ги испорача услугите за кои склучила договор од фантастични 2,5 милиони евра, тие ги тераат работниците сами да чистат. Чистат без соодветна опрема, без опис на работно место, без дополнителен надомест“, обвини Методија Илиевски од СДСМ.
Од РЕК реагираа дека „Техно коп плус“ ДООЕЛ Битола е избрана компанија за технолошко чистење откако ги исполнила сите наведени критериуми по јавниот повик и понудила 30 проценти пониска цена од досегашната договорна. Иако одлуката е донесена, договорот сè уште не е потпишан поради тековната жалбена постапка.
„Сакаме да нагласиме дека немаше хаварија туку најверојатно ни се случи саботажа. Целиот настан во моментов е предмет на истрага од надлежните институции.. Во меѓувреме, додека технолошкото чистење од надворешни изведувачи е во прекин, преземаме проактивни мерки за внатрешно справување со сите отворени прашања. Се вложуваат максимални напори за повторно ставање во функција на еден од блоковите“, соопштија од РЕК.
Ж. ЗДРАВКОВСКА