ШЕСТ ГОДИНИ ЧЕКА РЕКОНСТРУКЦИЈА ВЕЛЕШКИОТ КОМПЛЕКС ВАРНАЛИИТЕ  СО КУЌИ ОД 19 ВЕК, ИМ ТРЕБА ОБНОВА И НА ПЕТ СПОМЕН-КУЌИ

    ШЕСТ ГОДИНИ ЧЕКА РЕКОНСТРУКЦИЈА ВЕЛЕШКИОТ КОМПЛЕКС ВАРНАЛИИТЕ  СО КУЌИ ОД 19 ВЕК, ИМ ТРЕБА ОБНОВА И НА ПЕТ СПОМЕН-КУЌИНа 23 декември 2019 изгоре една од куќите во старото градско јадро, Варналиите, куќата на Прнарови. (Фото: СДК.МК)

    На спомен-куќите на Кочо Рацин, Васил Главинов, Јордан Хаџиконстантинов-Џинот и на Касапови во Велес, им е потребна обнова, но и да живеат и редовно да примаат посетители, да бидат исполнети со настани. Иако се сочувани и во добра кондиција, времето и годините поминати од последната реконструкција оставиле трага. На куќата на Џинот, на пример, во приземјето е забележливо дека влагата ги оштетила ѕидовите.

    „Од тоа што можев да видам, дека се во состојба кога ќе им биде потребно освежување, обновување. Овен за материјална помош, разговаравме како овие куќи да бидат постојано отворени и пристапни за посетители. Целта е директно на терен да се согледаат состојбите, да се идентификуваат потребите и приоритетите за натамошна заштита, конзервација и валоризација на културното наследство. После овој увид ќе може да направиме анализа, како и што да финансираме за следната 2026 година“, кажа министерот за култура Зоран Љутков при посетата на четирите спомен-куќи во Велес изминатава недела.

    На куќата на Џинот во приземјето е забележливо дека влагата ги оштетила ѕидовите. (Фото: СДК.МК)

    Две од овие куќи, на Рацин и на Главинов, се во сопственост на Народниот музеј на Велес, а на Касапови и на Џинот кои пред 20-тина години ги откупи локалната власт се во сопственост на Општината. На 23 декември 2019 изгоре една од куќите во старото градско јадро, Варналиите, куќата на Прнарови. Но и останатите три се во лоша состојба, првата која е празна се заканува да падне во дворот на соседот каде живее фамилија.

    Куќата на Главинов е во сопственост на Народниот музеј на Велес. (Фото: СДК.МК)

    „По опожарувањето на објектот, направен е концепт за нивна обнова. За 2025 година не беа ставени во годишна програма. Тоа се стари куќи од крај на 19 век“, кажа директорот на Националниот конзерваторски центар Александар Јордановски.

    Но за тоа дали и кога ќе бидат влезени во програма за обнова тој остави простор да се зборува при крајот на годината, и рече дека сега во време на избори не е во ред да се најавуваат проекти.

    При посетата на Велес, министерот Љутков и директорот Јордановски имаа можност да ја видат и куќата на Шоптрајанови, која е пример на старата архитектура, но сега е во фаза на распаѓање. За неа беше кажано дека треба да се изврши увид во сопственоста, за да може да се зборува за санација.

    Во Велес, од 72 заштитени куќи според архитектонското значење колку што ги имало на списокот во 1980-тите години, само во десетина живеат семејства и се употребливи и зачувани. Останатите се претворени во камен и прав, или се разрушени.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира