Пациентите од Преспанско-Пелагонискиот Регион шест месеци се оставени без ДЕКСА (DXA) скен, апарат кој служи за мерење густина на коските и е главна метода за откривање остеопороза. Двата ДЕКСА апарати во болниците во Битола и Прилеп се стари повеќе од 20 години и не работат. Со апаратура за остеопороза располага Здравствениот дом во Ресен, но не се работи за ДЕКСА скен кој дава сигурна дијагноза, туку ултразвучен дензитометар кој служи за скрининг односно за прва проценка.
„Ова создава голем проблем за пациентите од Пелагонискиот Регион, принудени сме да патуваме до Скопје за снимање, да плаќаме приватно или да се прилагодуваме на ограничените термини, што е дополнителен трошок. Во Ресен постои апарат, но тој не е софистициран и само покажува дали постои остеопороза, без можност за точна дијагноза. Ова не е прифатливо, пациентите треба да имаат достапност до современа опрема и прецизни дијагностички методи. Во 21 век треба да биде задоволено основното право на пациентите, достапност до превентивни и навремени дијагностики за непречено лекување“, велат пациенти.
Од болниците во Битола и Прилеп ни одговорија дека во тек се постапки за набавка на нови ДЕКСА апарати.
Ненси Лозанче, директока на Клиничкта болница „Д-р Трифун Пановски“ од Битола, вели дека ДЕКСА апаратот не работи од средината на септември 2025. Констатирале дека скенот е надвор од сервисна поддршка, па набавката на ваков апарат била ставена во приоритетите за јавните набави во 2026 година. Огласот за набавка е во тек.
Слична е состојбата и во болницата „Борка Талевски“ во Прилеп, каде исто така не функционира ДЕКСА скенот, стар повеќе од 25 години. Директорот Кире Јоноски вели дека за поправка им побарале 10.000 евра, што не се исплатело, па ќе купуваат нов. На прашањето кога ќе биде набавен, Јоноски не можеше да прецизира зашто вели од искуство знаат дека таквите постапки не одат брзо. Тендерите траат по 2 месеца, а лани за испорака на нарачаните апарати чекале по 6 месеци. Појаснува дека никоја од фирмите немаат апарати на залиха, туку ги нарачуваат откако ќе се уверат дека го добиле тендерот. Кога на тоа ќе се додадат дозволи, транспорт и други процедури, нарачаната апаратура не стигнува брзо.
Во недостиг на ДЕКСА апарати, дел од пациентите заминуваат на скрининг прегледи во Здравствениот дом во Ресен.
„Ние немаме ДЕКСА апарат, туку ултразвучен дензитометар за мерење на густина на коски, тој работи на друг принцип. Но, имаме пациенти од повеќе места од овој регион што доаѓаат на прегледи кај нас“, вели директорот Стојанчо Јовановски.
Ако резулататот од ултразвучниот дензитометар е сомнителен, пациентите обично се праќаат на преглед со ДЕКСА скен.
Остеопорозата е растечки глобален здравствен проблем во светот, а скршеници од оваа болест се многу чести и се јавуваат кај една од три жени и еден од пет мажи на возраст над 50 години. Во Македонија се проценува дека има околу 80.000 пациенти со остеопороза, претежно жени.
Б. НЕСТОРОСКА




