ШТИП ГО ДОБИ ПРВОТО ШЕТАЛИШТЕ КОЕ ЧИНИ 200.000 ЕВРА, ПРВИ ЌЕ МИНУВААТ УЧЕСНИЦИТЕ НА 16. „ШТИПСКА ПАСТРМАЛИЈАДА“

    ШТИП ГО ДОБИ ПРВОТО ШЕТАЛИШТЕ КОЕ ЧИНИ 200.000 ЕВРА, ПРВИ ЌЕ МИНУВААТ УЧЕСНИЦИТЕ НА 16. „ШТИПСКА ПАСТРМАЛИЈАДА“Улицата Ванчо Прќе цел месец се реновираше и е адаптирана во шеталиште долго 150 метри (Фото: СДК.МК)

    Улицата Ванчо Прќе во Штип, која до пред еден месец беше еднонасочна за моторни возила, од денеска е само шеталиште за пешаците. Првото штипско шеталиште е долго 150 метри, ширината е над 15 метри, старата подлога целосно е заменета со нови плочки, дрворедот е зачуван, а од двете страна на шеталиштето, каде што се станбените објекти, и натаму ќе работат бројните дуќани. На шеталиштето остануваат и експозитурите на две банки.

    Работите на шеталиштето траеја нешто повеќе од еден месец и истовремено е смената старата канализациона и водоводна инсталација, а потоа е извршено поплочување. Севкупно, како што информираат од Општина Штип, се потрошени 200.000 евра. Во овој износ влегуваат и веќе изградените две катни гаражи: едната на шеталиштето кај стоковната куќа „Нама“ и другата до Домот на културата „Ацо Шопов“.

    Првото штипско шеталиште ќе го промовираат учесниците на годинашнава манифестација „Штипска пастрмалијада“. Штандовите ќе бидат поставени од двете страни на шеталиштето, на чиј почеток и крај ќе има по една бина. Организаторот за денеска и утре најавува целодневна и целовечерна културно-уметничка и забавна програма.

    Денеска на пладне ќе се презентира џиновската пастрмалија долга два, а широка 1,20 метри, а утре ќе се одржат традиционалните натпревари: трка на келнерите и брзо јадење на штипскиот специјалитет, кој годинава на 30 штандови ќе се нуди по цена од 200 денари.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира