НАУМ ПАНОВСКИ ГО ОДБИ РАЦИНОВОТО ПРИЗНАНИЕ, ОПШТИНА ВЕЛЕС ПРАШУВА ЗОШТО СЕ ПРИЈАВИЛ НА КОНКУРСОТ АКО НЕ ЈА ПРИМА НАГРАДАТА

    НАУМ ПАНОВСКИ ГО ОДБИ РАЦИНОВОТО ПРИЗНАНИЕ, ОПШТИНА ВЕЛЕС ПРАШУВА ЗОШТО СЕ ПРИЈАВИЛ НА КОНКУРСОТ АКО НЕ ЈА ПРИМА НАГРАДАТАПановски вели дека тоа што неговата видеопорака не беше прикажана на свеченоста е непромислен чин, кој го смета за цензура и кршење на уставно право на слободен говор. (Фото: Принтскрин од видео)

    Театарскиот режисер и театролог Наум Пановски, добитникот на Рациново признание за 2026, преку видеопорака вели дека одбил да ја прими наградата за неговата книга „Коста Солев – смртопис“, која требаше да му се врачи на Рациновите средби на 15 јуни. Пановски не беше присутен на врачувањето, а во соопштението што утрово го испрати до медиумите, а го објави и на својот фејсбук профил, вели дека пред церемонијата му испратил на фестивалот видеообраќање, но тоа воопшто не било емитувано. Од Општина Велес, која е организатор на Рациновите средби, на церемонијата само кажаа дека Пановски не е во земјава и  оти наградата ќе му биде врачена накнадно.

    „Јас имам 76 години и во овој момент, на крајот од мојот живот, за мене сево ова, примањето на оваа награда, би било затворање очи пред грдата македонска реалност, би претставувало предавство на моите идеали, уште едно предавство на Коста Солев, и давање легитимитет на оваа власт и на секоја друга власт во Македонија од 1991 година до денес, кои ја разнебитија, ограбија, разурнаа, и обезличија Македонија“, вели во соопштението Пановски, кој паричниот дел од наградата го отстапува на хуманитарната организација „Пркос“.

    Пановски вели дека тоа што неговата видеопорака не беше прикажана на свеченоста е непромислен чин, кој го смета за цензура и кршење на уставно право на слободен говор. Тој на организаторите по соопштувањето дека е добитник им кажал дека заминува за странство и ќе биде отсутен. И неговото обраќање испратено до медиумите и објавено на социјалните мрежи е потпишано дека е од Цирих на 15 јуни, денот кога се доделуваше наградата.

    Организаторот Општина Велес во писмено соопштение кратко одговори на прозивките од наградениот Пановски.

    „Обраќањето на добитникот не е достојно за Рацин, за манифестацијата. Ако не ја прифаќа наградата зошто се пријавил и конкурирал за Рациновото признание?“, соопштија од  Општината.

    За наградата Рациново признание годинава на јавниот конкурс биле пријавени 25 дела. Од нив 24 биле земени во предвид една книга елиминирана оти конкурирала и минатата година. Со мнозинство гласови на жирито проф. д-р Елизабета Шелева, проф. д-р Лорета Георгиевска Јаковлева и проф. д-р Марија Ѓорѓиева Димова, одлучено е наградата да ја добие Наум Пановски.

    Пановски во соопштението се заблагодарува на сите кои му помогнале во создавањето на делото „Коста Солев – смртопис“ и на членките на жирито, и како што вели, на „другарките и другарите од Општина Велес, кои со маки и огромен финансиски напор сè уште го држат жив овој спомен и гест на почит кон нашиот Коста Солев“.

    „Секојдневно се прашувам како стигнавме до тоа да станеме полуписмен, вулгарен народ, примитивна средина, село без кучиња, низ кое не тероризираат глутници гладни волци, кои се јадат меѓу себе за грст јудини сребреници. Како тоа дозволивме да живееме во запустено место во кое владеат партиски мафии кои бранат само свои лични интереси, во книжевна пустина создадена од помодарски книжевно профитерски лицемерни кланови, одгледувани во се присутните ресавски школи, во загадена паланка во која стандардите ги диктираат замаени, себе вљубени десно ориентирани домаќинки, готвачки и озборувачки. Како дозволиме на работниците во културата да им се ускратуваат правата на елементарна заработувачка, а политичарите да си ги зголемуваат своите примања на нивна сметка и на сметка на работничката класа која ја нема веќе.
    Како тоа станавме културно политичка забит која се распаѓа од корупција, национализам и омраза кон сите, а највеќе кон самата себе. Како станавме разнебитен свет сосема спротивен од хуманиот свет за кој Коста Солев сонуваше и се бореше и заради што плати со својот мачен живот на прогонет и насилно отстранет пролетерски поет“, вели меѓу другото Пановски во видеообраќањето кое требаше да се емитува на затворањето на рациновите средби на 15 јуни.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира