РАЦИН И ДЕНЕС СЕ ЧИТА КАКО ДА Е ПИШУВАН СЕГА – ИЛИ ТОЈ Е ВЕЧЕН ИЛИ ОПШТЕСТВОТО НЕ СЕ МЕНУВА МНОГУ, РЕЧЕ АКАДЕМИК ЌУЛАВКОВА НА ОТВОРАЊЕТО НА РАЦИНОВИТЕ СРЕДБИ

    РАЦИН И ДЕНЕС СЕ ЧИТА КАКО ДА Е ПИШУВАН СЕГА – ИЛИ ТОЈ Е ВЕЧЕН ИЛИ ОПШТЕСТВОТО НЕ СЕ МЕНУВА МНОГУ, РЕЧЕ АКАДЕМИК ЌУЛАВКОВА НА ОТВОРАЊЕТО НА РАЦИНОВИТЕ СРЕДБИРацин се бунтувал со збор, со ум, со знаење и со општествен и политички ангажман, кажа академик Ќулавкова. (Фото: СДК.МК)

    Рацин и по еден век е актуелен со своите дела, што значи дека или тој е вечен или општеството не се менува многу, рече академик Катица Ќулавкова на отворањето на годинашните 63. Рацинови средби во Велес.

    „Кочо Солев е една од ретките историски личности кои ја совладале историската лекција и застанале во одбрана на слободата, правдата, социјалната еднаквост и колективните и индивидуалните човекови права на Македонците. Тој се бунтувал со збор, со ум, со знаење и со општествен и политички ангажман. Рацин е парабола на македонската национална, политичка, социјална, егзистенцијална, културна и историска самосвест. Токму затоа неговите есеистички, филозофско-историски текстови се показ и доказ дека зборот има тежина, дека јазикот ги придвижува нештата. Рацин и денес се чита преку својата бунтовничка поезија, како да е пишувана сега, во овој миг, а не во 1930-тите години. И по еден век неговата поезија, проза, есеи и критики се читаат и доживуваат како да ја опишуваат актуелната човечка и општествена ситуација. Или Рацин е вечен или општеството не се менува многу. Рацин во времето на својот живот застана на светлата страна на историјата, покажувајќи знаење, мудрост, визија, храброст и лидерство“, рече Ќулавкова.

    Добитник на Рациновото признание за 2026  е театрологот и театарски режисер Наум Пановски со делото „Коста Солев – смртопис“. Тој наградата ја доби во конкуренција на 25 пријавени дела. Бидејќи не e во земјава, признанието дополнително ќе му биде врачено. Паричниот дел од наградата Пановски одлучил да го донира на граѓанското здружение „Искон“.

    Проф. Шелева говореше за делото на Наум Пановски. (Фото: СДК.МК)

    За Рациновото признание одлучуваше жири-комисијата во состав, проф. д-р Елизабета Шелева, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева и проф. д-р Марија Ѓорѓиева-Димова.

    „Самиот чин на ликвидацијата на поетот во делото е поместен од очекуваното идеолошко на антрополошко рамниште. Се открива дека зависта и комплексот на инфериорност биле оние темни подземни сили што му пресудиле на Солев. Во делото е вткаена уште една потресна алузија на познатиот образец за Моцарт и Салиери. Генијот наспроти завидливиот медиокритет, но овој пат преместен на домашен терен, со дополнителна класно-хиерархиска димензија, кога завидливите и привилегирани дворски бирократи и партиски медиокритети подмолно, постепено и физички ќе го докрајчат Коста Солев. Прашањето што се провлекува низ нашата историографија – кој е всушност вистинскиот убиец – во прозата на авторот Пановски се пренасочува во форензичка потрага по самата причина и расчистување на клучното прашање: зошто Солев е ликвидиран“, рече Шелева.

    Вечерва на Рациновите средби ќе се одржи меѓународниот поетски митинг, како и врачувањето на почесното Рациново признание на Полјакот Маќеј Кавка за афирмација и промоција на македонскиот јазик, литература и култура во странство.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира