1 Си мислев дека по 35 години веќе го трчаме последниот круг до целта, a сега премиерот Христијан Мицкоски ми вели дека треба допрва да се подготвиме за маратон за ЕУ. Најпрвин за да го „исправиме она предавство и онаа капитулација, која што претходната најкорумпирана во историјата македонска влада го направи за овој народ и за својата татковина“. И потоа „да се бориме и да се избориме, за нашите од другата страна на границата да го остварат своето човеково право, да регистрираат конечно своја институција, под која што ќе можат културно да се организираат“.
Значи ние, надвор од ЕУ треба да се бориме и да се избориме за правата на европските граѓани кои живеат во Бугарија. Ние ќе стоиме во место, а тие ќе трчаат сѐ подалеку и подалеку од нас затоа што се граѓани на ЕУ уште од 2007.
А зошто тие не се изборат за нашите права, таму во нивната татковина-членка на ЕУ, да престане да го блокира нашиот напредок во Европската Унија негирајќи ни го постоењето како Македонци? Па они таму гласаат и таму си ги бираат политичарите што ги застапуваат нивните интереси. Зошто речиси 20 години не успеале во нивната ЕУ држава да го направат изборна тема фактот дека Бугарија ја напаствува Македонија од најпримитивна причина – не го признава македонскиот идентитет?
Додека Владата со пропаганда, графикони и холограми нѐ замајува со некакви бројки, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ си живее во сопствената приказна дека „Македонија забрзува“, луѓето се иселуваат. Единственото нешто што забрзува тука е – иселувањето. Не си одат само младите. Цели фамилии забрзуваат. И тоа си одат сите, без разлика на етничка припадност, без разлика дали се спомнати или не се спомнати во Преамбулата на Уставот.
Па што правиме ние, еве веќе 35 години, ако не трчаме маратон? Па ова е ултрамаратон со голема висинска разлика. Уморни сме веќе од трчање во место. Уморни сме од сите оние што кога ќе дојдат на власт мислат дека нивниот маратон е најважен и од нив почнува трката. Сите нивни кариери ги истрчавме и уште сме далеку од победничкиот круг.
2 Пиесата со палењето дипломатски возила на тротоарот пред амбасадата на Бугарија во Скопје е театар за тие што немаат попаметна работа. Еден ден пред гласањето во Европскиот парламент за напредокот на Македонија кон ЕУ, некојси наш сограѓанин си гледал вести на телевизија и многу се изнервирал кога видел дека на тротоарот пред амбасадата имало паркирани коли со дипломатски таблички. И така изнервиран, оти во Европската Унија тротоарите се за пешаци, а улиците се за коли, се качил во автобус и од Драчево дошол во центарот на градот. Си понел и празна канта за гориво, оти нели, не знаеш Трамп дали ќе се предомисли за примирјето со Иран и за секој случај, наточил нафта на бензинската пумпа веднаш спроти амбасадата. Ја поминал улицата, ги полил со нафтата двете возила што му го попречувале движењето како пешак и среде бел ден, под сигурносните камери на амбасадата и на „Безбеден град“ на МВР, ги потпалил колите. За убаво да се види кој е.
Полицијата го фаќа за два-три саати. Плус, објавува слика од негова тетоважа со лик на Путин. Обвинителството бара притвор, судијата досудува притвор. Ама – џабе. Баш дента кога се гласа извештајот на напредокот на Македонија кон ЕУ, бугарските европратеници имаат со што да се истакнат. Нападот на колите на амбасадата не бил само напад на Бугарија. Тоа да ти бил напад на цела Европска Унија.
По истата логика, тогаш и секој непријателски акт од Бугарија кон Македонија е напад на цела ЕУ кон Македонија.
Јас на сѐ што доаѓа од Бугарија одамна не се чудам. Ама, сѐ повеќе ѝ се чудам на Европската унија што тргна по паметот на Бугарија.
На кого му одговараше овој инцидент? На Македонија? На Бугарија? На македонските граѓани? На бугарските граѓани? На Русија? На Србија?
На ЕУ сигурно не ѝ одговара. Колку повеќе Бугарија се изживува врз Македонците, толку повеќе ги одалечува македонските граѓани од ЕУ.
Па се најде и некоја организација што е многу загрижена за безбедноста на Бугарите во Македонија и најави дека ќе ги блокира граничните премини од бугарска страна. За потоа да се јави бугарската влада дека тоа ќе било контрапродуктивно, оти тие биле за кооперативност и добрососедство.
Е па, штом е добрососедство во прашање, протестот одма е откажан.
Прашање е само која шпионска служба се вмешала во инцидентов. Ако е само една служба. Иако, вакво клише не би поминало ни во пародија на шпионски филм.
3 Туку, ај доста се секираме и за Бугарија, и за преговарачката рамка, и за вториот протокол и за реконструкција на Владата. Да одмориме малку пред маратонот на Мицкоски. Дојде лето. На ЕУ ќе мислиме некој дождлив ден. Сега да си ги фатиме плажите во Грција. Си имаме ние сега попаметна работа за секирација од идентитетот. Најголема секирација на илјадници македонски граѓани е: колку саати ќе се чека на граница со новите правила за влез на ЕУ.
За среќа, уште не нѐ тераат да играме оро пред да нѐ сликаат. Иако, ако треба и ќе заиграме. Оти гледам дека Србите си пуштаат снимки како играат оро во граничниот простор меѓу Богородица и Евзони. Веројатно играат од пркос и за забава, да го отепаат времето. Па ние бре, пред Преспанскиот договор, сами си ги прелепувавме ознаките „МК“ со „ФИРОМ“ на колите, па сега нема оро да играме, ако баш и тоа треба за да се влезе во ЕУ.



