ШТИП ГО УКИНА СТАЦИОНАРОТ ЗА КУЧИЊА СКИТНИЦИ ОТИ НЕ Е ПО СТАНДАРД, А НЕМА НИ ОПЕРАТОР ЗА ЗАЛОВУВАЊЕ

    ШТИП ГО УКИНА СТАЦИОНАРОТ ЗА КУЧИЊА СКИТНИЦИ ОТИ НЕ Е ПО СТАНДАРД, А НЕМА НИ ОПЕРАТОР ЗА ЗАЛОВУВАЊЕСтационарот што беше изграден и отворен пред 4 години е во регион без водоводна мрежа (Фото: СДК.МК)

    Општина Штип го укина стационарот за кучиња скитници оти нема водоводна мрежа и не е по стандардите, а на тендер ќе бира нов оператор за заловување кучиња затоа што договорот со постојната Ветаринарна станица е прекинат. Но, и операторот сакал да ја откаже соработката со Општината, поради отштетите што ги плаќала на граѓани кои биле каснати од кучиња скитници.

    Градоначалникот на Штип Иван Јорданов вели дека тој пред неколку дена го потпишал планот за јавни набавки,  во кој влегува и изборот на оператор за згрижување кучиња скитници и во текот на наредната работна недела може да се распише тендер, а смета дека за кратко време проблемот ќе биде решен.

    „За стационарот што пред 4 години беше отворен во месноста Новакова Чешма во близина на Штип добивме укажувања од организациите за заштита на животните, затоа што немал вода и навистина е вон сите потребни стандарди. Вода нема затоа што во тој реон нема водоводна мрежа, па затоа одлучивме да го раскинеме договорот со Ветеринарната станица која го имала тендерот за заловување кучиња и нивно сместување во импровизираниот стацинонар. Ќе бараме новиот оператор да обезбеди друг адекватен стационар за кучиња скитници“, вели Јорданов.

    Ветеринарната станица во Штип која беше оператор неколку години, исто така не била задоволна од работата и имала намера да ја прекине соработката со Општината за заловувањето и стационирањето на кучињата скитници.

    „Имавме многу трошоци околу заловувањето на кучињата, нo капак на сè беа високите трошоци што ги плаќавме по тужби на граѓани кои биле каснати од кучиња скитници. Не можевме да го издржиме плаќањето по 1.000 евра од случај, па затоа сакавме да го раскинеме договорот“, вели Крсте Митев од Ветеринарната станица.

    Трајче Ристов од општинската правна служба вели дека Општината лани била тужена од девет граѓани кои барале отштета поради тоа што биле каснати од кучиња скитници. И во изминатите години имало од 5 до 10 такви тужби. Граѓанските здруженија сметаат дека бројот на каснати граѓани ќе се зголеми, затоа што времето без оператор за заловување кучиња ќе придонесе повторно во целиот град да има глутници кучиња кои и досега најмногу беа присутни во центарот.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира