За да се спречат честите вандализми во Штип, а со цел полесно да се откриваат сторителите на оштетувањата, Советот на Општина Штип донесе одлука да се издвојат 10 милиони денари ( околу 162.000 евра) за набавка на 146 камери кои ќе бидат поставени иа 54 локации во градот. Ова е со цел граѓаните да бидат подобро заштитени, да се намалат девијантните појави со кои се уништува голем дел од вредната штипска инфраструктура.
„Се предвидува во една општинска просторија да се формира компјутерски центар кој ќе биде поврзан со сите 146 камери кои се планираат да се инсталираат на 54 локации во градот. Со овој проект ќе се овозможи комплетен видеонадзор на целиот град и неговите витални објекти. Тоа значи дека ќе има камери кај градинки, училишта, пешачките патеки, парковите, шеталиштата, новата пешачка патека во центарот на градот и видео надзор на сите патни влезови во градот“, рече секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова.
Според усвоената одлука, десет од камерите за видеонадзор ќе бидат со поголем опсег и ќе бидат поставени на најзначајните локации во градот каде се случуваа чести вандализми на објекти, споменици, комунален инвентар, клупи, канделабри.
Компјутерскиот центар за видеонадзор на градот ќе го опслужуваат шест професионални лица, некои од нив и досега работеа на компјутерски инсталации со видеомрежа во општинската зграда.
Т. ЈОВАНОВСКИ