Десет комунални редари вработени во Општина Штип се вклучени во посебната комунална служба за реализација на проектот „Мој општинар“. Тие ќе имаат обврски и задолженија по реони и така да биде опфатен целиот град.
На промоцијата на проектот и на комуналната служба, градоначалникот на Штип Иван Јорданов ги повика граѓаните да учествуваат во проектот и тие самите да бидат општинари па ќе можат да пријавуваат каков било комунален неред или проблем.
„На телефонските броеви што ќе бидат објавени, на сите комунални редари од службата ‘Мој општинар‘ нашите сограѓани ќе можат да пријавуваат каков било комунален проблем во својата населба и во своето маало, на пример оштетено улично осветлување, искршена клупа, проблем со водоснабдувањето, по што обврска е на секој редар во координација со останатите служби и комунални претпријатија да острануваат и сузбиваат секаков комунален неред, односно комунален проблем“, вели Јорданов.
Тој очекува дека „ Мој општинар “ ќе биде во голема служба на граѓаните, а ако се покаже дека има потреба, службата ќе се зголеми со нови лица зада реонски се покријат сите населби во градот и сите приградски населби.
Градоначалникот Јорданов кажа дека овој проект прва го вовела Општина Кавадарци и земајќи го нивното позитивно искуство решиле „Мој општинар“ да воведат и во Штип .
Т. ЈОВАНОВСКИ