ШТИПЈАНЕЦОТ СИМО ДЕЛИПЕТРОВ ПРЕД 42 ГОДИНИ ЗАСАДИЛ 88 ОРЕВИ И ПОЧНАЛ ДА ОДГЛЕДУВА ПЧЕЛИ ВО 88 САНДАЦИ ВО ЧЕСТ НА ТИТО

    ШТИПЈАНЕЦОТ СИМО ДЕЛИПЕТРОВ ПРЕД 42 ГОДИНИ ЗАСАДИЛ 88 ОРЕВИ И ПОЧНАЛ ДА ОДГЛЕДУВА ПЧЕЛИ ВО 88 САНДАЦИ ВО ЧЕСТ НА ТИТОДелипетров денес има плантажа со 130 ореви, но главно е посветен на пчелите (Фото: СДК.МК)

    Во 1980, кога почина Јосип Броз Тито на 88 години, штипјанецот Симо Делипетров на својот имот во штипско Ново Село насадил 88 ореви и во наредните неколку години изработил 88 пчелни сандаци. Но, не останал на тоа, па плантажата со ореви ја зголемил на 130 стебла, а постепено ги зголемувал и пчелните семејства.

    Цели 42 години, вредниот штипјанец го чува и негува своето производство на ореви и мед, но и за двете гранки, во последните години условите се крајно неповолни.

    Главно поради сушата во последните неколку години, временските услови се неповолни за оревите, па родот е сведен на минимум. Имав неколку бунари со кои ги наводнував, но пресушија“, вели Делипетров.

    Кога го посетивме кај пчелните сандаци во Штип, беше и неговиот колега Пеце Кузмановски од Прилеп. И двајцата се загрижени што се дозволува на пазарот да се продава лажен мед.

    Сметаме дека голем процент од медот што се продава е со шеќер. Неопходна е поголема контрола на ветеринарните и други инспекции каков мед се продава“, велат двајцата пчелари.

    За да има поквалитетен мед, Делипетров секоја година ја заменува штипската паша со испаши на Малешевските Планини, од Обозна кај Виница до Берово, каде што неговите пчели престојуваат во месеците кога ги полнат кошниците со мед.

    Овде во Штип, пчелите се на паша неполн месец, останатото време се во Малешевијата. Ги транспортирам со камион. Обезбедив испаша која изобилува со медоносни растенија, како багрем, липа, сончоглед, маслодајна репа. Но, морам постојано да бидам присутен, затоа што во последно време се случуваат кражби“, вели Делипетров.

    Тој вели дека во последно време не е голем оптимист. Системските пропусти на државните органи задолжени за развој на ваквите дејности и неповолните временски услови го уништуваат родот. Во поглед на цените, тој е задоволен, иако медот сè уште го продава по 400 денари од тегла.

    Како да се зголеми цената кога стандардот драстично падна. Ретко кој го користи медот во секојдневна исхрана. Слично е со оревот, кој се купува само ако треба да се направи торта“, вели Делипетров.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира