Националната установа Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ во Штип неколку пати во годината е мета на вандализам. Досега се искршени 260 столчиња на отворениот амфитеатар од вкупно 330 кои ги има.
Деновиве, сервисните служби на библиотеката работат на обновување и поставување нови столчиња и го подготвуваат просторот за летната сезона кога во овој отворен амфитеатар се случуваат повеќе настани од областа на културата.
„Отворениот амфитеатар е идеално место за настани во пролет, па и во лето. но очигледно дека напоредно со основната дејност треба да работиме и на заштитата на надворешниот дел од библиотеката, а тоа е овој отворен објект кој се наоѓа во дворот на комплексот. Само што станав директор на оваа значајна институција се случи нов вандализам, кршење на столчињата“, вели новиот директор Тодор Џидров.
Тој го пријавил во полиција последниот вандалски чин со кршењето на столчињата, но досега сторителите не се откриени, исто како и претходните неколку. Превентивно, како што вели, мора да се зголеми безбедноста со поставување камери, па и со чуварска служба за да се спречи уништување на имотот.
Т. ЈОВАНОВСКИ