Штипскиот дом за сместување стари лица почна да се гради во 2014, но брзо доби статус на дивоградба зашто објектот ја немал комплетната документација. Место да се изврши адаптација на ресторанот што се наоѓаше на таа локација, се изгради зграда со четири ката. По две години судски рочишта, обвинителството го повлекло обвинението кога сите наоди говореле дека има чесна намера да се изгради дом за сместување на 100 пензионери, за кој веќе биле обезбедени пола милион евра.
Судската постапка заврши, но зградата веќе осма година пропаѓа. Таа има готова карабина, без кровна конструкција, фасада и внатрешно уредување и опремување. Штипските пензионери сметаат дека и оваа година нема да продолжат работите на нивниот дом.
Претседателот Стево Пендаровски не го потпиша последниот Закон за легализација на дивоградби во мај 2021, а Владата го поднесе во Собранието новиот, изменет закон, кој уште не е усвоен.
„Новата верзија на Законот за легализација на дивоградби не ја знаеме, но се надеваме дека ќе нема законски пречки домот за стари лица да добие зелено светло за продолжување на изградбата. Тогаш ние настапуваме со нашите плански проекти за продолжување на изградбата“, велипретседателот на здружението на штипските пензионери, Ристе Нетков.
Тој и другите членови на Здружението на пензионери во изминатите години имале неколку средби со штипските градоначалници и со министерот за транспорт и врски. Велат дека и новиот градоначалник Иван Јорданов им дал целосна поддршка за доизградба на домот.
Т. ЈОВАНОВСКИ