ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ЌЕ ПОСТАВИ ФОТОВОЛТАИЦИ СО КОИ ЌЕ ГИ ЗАДОВОЛУВА СВОИТЕ ПОТРЕБИ ОД СТРУЈА

    ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ЌЕ ПОСТАВИ ФОТОВОЛТАИЦИ СО КОИ ЌЕ ГИ ЗАДОВОЛУВА СВОИТЕ ПОТРЕБИ ОД СТРУЈАВкупната инвестиција се проценува на околу 20 милиони денари (Фото: СДК.МК)

    Годишните трошоци за струја и потребите од електрична енергија Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ќе ги компензира со помош на фотонапонски централи, кои ќе бидат поставени на три негови објекти. Се смета дека вкупните инвестиции за секој од проектите кои ќе се ставаат во функција етапно ќе се повратат за една и пол година.

    „Веќе почна реализацијата на првиот проект за фотоволтаични панели на зградата на ректорската управа, а во разработка се и проектите за зградата на Правниот факултет и за кампусот 2, каде што се наоѓа голем број научно-истражувачки кабинети и лаборатории“, вели ректорот Дејан Мираковски и додаде:

    „Кога нè погоди енергетската криза и кога видовме колкави сметки почнаа да пристигнуваат, увидовме дека нешто треба да се преземе. Бидејќи сме дневен потрошувач на струја, најдобрата варијанта се токму вакви високонапонски системи кои најдобро функционираат преку ден. При крај е постапката за јавна набавка на првиот објект, кој ќе располага со 36-киловатен систем“.

    Втората фотонапонска постројка со капацитет од 108 киловати ќе биде поставена на зградата на стариот ректортат, а на кампусот 2, фотоволтаичните панели ќе бидат со капацитет од 252 киловати.

    „Вкупната инвестиција, која ќе биде од сопствени извори, се проценува на околу 20 милиони денари. Првата централа ќе почне да произведува струја до крајот на пролетта“, најави Мираковски.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира