ШТИПСКИTE АКЦИЈАШИ ВЕТЕРАНИ И МЛАДИ ВОЛОНТЕРИ ЌЕ ГИ ЧИСТАТ ШТИП И БРАНИТЕ КАЛИМАНЦИ И МАНТОВО, А ЌЕ ИМААТ АКЦИИ И ВО СТРАНСТВО

    ШТИПСКИTE АКЦИЈАШИ ВЕТЕРАНИ И МЛАДИ ВОЛОНТЕРИ ЌЕ ГИ ЧИСТАТ ШТИП И БРАНИТЕ КАЛИМАНЦИ И МАНТОВО, А ЌЕ ИМААТ АКЦИИ И ВО СТРАНСТВОНовоформираното Здружение на акцијаши волонтери од Штип договори богата работна и акцијашка програма за оваа година во земјата и странство. (Фото: СДК.МК)

    Стотина поранешни штипски акцијаши, членови на Здружението на акцијаши-волонтери, на нивното годишно собрание во Штип договорија заедно со акцијашкиот подмладок да го чистат Штип, но и други градови низ земјава.

    „Нашето здружение прави напори и има за цел да ја подигне свеста за важноста на волонтерството, да ги мотивира учениците активно да се вклучуваат во волонтирањето, а студентите да ги потсети на важната улога на волонтерството како основна придобивка за едно здраво општество“, вели претседателот Никола Кангалов.

    Членот за програмската активност Мавро Карпичаров вели дека нивното основно мото е од здружение на стари акцијаши да преминат во здружение на млади волонтери.

    „Во оваа насока, планираме оваа и наредните години да организираме средби со ученици, видеопрезентација на волонтерството, дискусии и дебати за општествената корист од омасовувањето на волонтерството“, вели Карпичаров.

    Стариот акцијаш, а сега туристички работник Димитар Кашиков вели за да дадат пример на младите, тие во изминатите години учествувале во повеќе работни, еколошки акции не само во Штип, туку и во други градови во Македонија, па и во странство.

    „Според усвоената работна програма за оваа година, планираме еколошки акции заедно со домаќините за чистење на браните Калиманци и Мантово. Планираме и соработка со акцијашки здруженија од Македонија и од странство, како што беа акцијата во Велес и ланската заедничка еко-акција во Словенија“, вели Кашиков и додава дека за оваа година се планираат заеднички акции во Словенија, Хрватска и Србија.

    Претседателот Никола Кангалов вели дека Здружението на акцијаши волонтери сака да го приближи акцијашкото волонтерство до младите, па ќе се организираат и разни спортски и забавно-музички настани во текот на целата година.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира