На Инфективното одделение во Штип има пациенти од Кочани, Виница, Берово, Свети Николе, Радовиш, но повеќе од половината се од Штип . Вчера и во изминатите денови неколку пациенти биле пуштени на домашно лекување, но Одделението пак е пополнето со над 50 хоспитализирани, откако деновиве Штип дневно бележи по дваесетина позитивни случаи.
„Инфективното одделение пак се соочува со недостиг на кадар затоа што тоа покрива регион од 250 илјади жители и не може да постигне само со тројца специјалисти инфектолози. Недостасуваат најмалку уште тројца“, велат трите докторки инфектолози од Штип.
Тие велат дека од приватното здравство бил ангажиран еден инфектолог од Штип, но поради малото дете колешката била отсутна. Колешката од Струмица, која на два пати била на припомош поради годишните одмори, се вратила во Струмица, а еден колега од Скопје си заминал уште наредниот ден со образложение дека тој не можел да работи со вакава категорија пациенти.
Штипските инфектолози кои се истрошени по повеќемесечната непрекината работа бараат од Министерството за здравство да се најдат кадровски решенија за актуелната состојба, но и подолгорочно со нови доктори и упатување на специјализација на повеќе лица, а најмалку уште тројца, со кои ќе бидат задоволени потребите посебно за вакви состојби на пандемија.
Т. ЈОВАНОВСКИ