ШТРАЈКУВААТ ВОЗАЧИТЕ НА КАМИОНИТЕ ЗА СОБИРАЊЕ СМЕТ ВО КУМАНОВО, СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ИМААТ НАЈМАЛИ ПЛАТИ ВО ДРЖАВАТА

    ШТРАЈКУВААТ ВОЗАЧИТЕ НА КАМИОНИТЕ ЗА СОБИРАЊЕ СМЕТ ВО КУМАНОВО, СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ИМААТ НАЈМАЛИ ПЛАТИ ВО ДРЖАВАТАЗа време на штрајкот, сметот се собира само во централното градско подрачје (Фото: СДК.МК)

    Педесетина возачи на камиони за изнесување смет на ЈП „Чистота и зеленило“ втор ден штрајкуваат во Куманово, барајќи да им се зголемат платите и да добијат опрема за заштита при работа и во времето на пандемија. Тие тврдат дека неколку години наназад платите им се намалуваат, па имаат најниска месечна заработка во однос на нивните колеги во другите јавни претпријатија во општината и во државата.

    „Секојдневно напорно работиме, а имаме најниски примања. Јас имам 16.000 денари плата, а мојот колега од ‘Водовод* има 9.000 денари поголема плата. Секогаш ни велат дека нема услови, дека има голем број на проблеми. 30 години работам на ова место, навистина е срамота. Овој проблем не е од вчера, да се зафатеа малку по малку досега ќе го решеа. Ова е предупредувачки штрајк, кој ќе трае до утре, а доколку не се преземе ништо, од понеделник ќе продолжиме“, вели еден од вработените.

    Неговите колеги се жалат и на условите за работа, дека просторијата што ја користат за одмор и за појадок е многу мала и не се почитувале протоколите за работа во времето на пандемија.

    За време на штрајкот, сметот се собира само во централното градско подрачје.

    И покрај нашите обиди да добиеме одговор дали ќе се исполнат барањата на вработените или Куманово ќе се затрупа во ѓубре, не успеавме да стапиме во контакт со надлежните во претпријатието.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира