Во Тетово се одржа завршниот настан на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот регион“. Овој проект, кој во регионот се спроведуваше во изминативе 7 години, беше поддржан од Владата на Швајцарија, а имплементиран преку Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) и во соработка со Министерството за животна средина.
„Ова е затворање на проектот, но тоа не значи и затворање на процесот за спречување на поплави во Полошкиот Регион. Во изминатите седум години Владата на Швајцарија за овој проект даде 12 милиони швајцарски франци. Постигнавме значајни резултати, се изградија координативни елементи за заштита и превенција од поплави, градење капацитети на локалните и националните институции, зголемување на свеста кај граѓаните и клучните инфраструктури за да се заштитат заедниците и да се намалат опасностите во случај на поплава. Да се фокусираме на заштитата е многу поефикасно и помалку болно отколку да се соочиме со овие болни последици“, изјави Вероник Улман, амбасадорка на Швајцарија во Македонија.
Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), во соработка со локалните и државните институции, невладиниот сектор и со месното население, беше имплементатор на овој многу значаен проект за Полошкиот Регион.
„Преку овој проект ја засиливме инфраструктурата која е насочена кон превенција од поплави при што се градеше речното корито во Шипковица, се чистеше речното корито на Вардар во Гостивар како и во Јегуновце каде коритото на Вардар беше стабилизирано со 12 стабилизирачки точки. Во Националниот парк „Шар Планина“ беа обезбедени 7 ерозивни области, ги зајакнавме националните и регионалните тимови за заштита и Директоратот за спасување и ЦУК и уште многу други активности. Самиот проект покажа дека кога соработуваме заеднички можеме да ги пренасочиме ранливите моменти во силни страни, а предизвиците во решенија“, рече Арменд Грегоријан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) во Македонија.
Во реализацијата на проектот активно беше вклучено и министерството за животна средина.
„Овој проект помогна да се изгради посилен и поодржлив систем за управување со ризикот од поплави и создаде можности за понатамошен развој на одбранбената инфраструктура во регионот. Министерството за животна средина и просторно планирање соработуваше во тесна координација со локалните власти и другите агенции вклучени во управувањето со поплавите, а ова партнерство обезбеди координиран пристап за надминување и решавање на проблемите поврзани со поплавите и опасноста од водите“, посочи Министерот за животна средина Изет Меџити.
З. АНДОНОВ