Тетово е град кој сѐ уште го држи приматот на еден од еколошки најзагадените и на сите петмина кандидати за градоначалници на Тетово една од ударните теми на предизборната кампања им е екологијата, но дел од денеска нив не дојдоа да стават потпис на документот подготвен од еколошката организација „Еко Герила“.
Од петтемина кандидати за градоначалници на Тетово овој документ го потпишаа тројца, актуелната градоначалничка Теута Арифи од ДУИ, Аднан Незири кандидат од Алијансата за Албанците и Бардиљ Даути од ДПА. Билал Касами од Беса и Горан Манојлоски од ВМРО ДПМНЕ не присуствуваа на потпишувањето.
„Овој документ се состои од пет точки и со него потписниците се обврзуваат дека, ако бидат избрани за градоначалник на Тетово, ќе се ангажираат за поорганизирано чистење на улиците низ градот, организирање на јавен превоз, заштита на залените површини, овозможување поголеми имгеренции на општинските еколошки инспекторат, поголема фискална транспарентност и нивно амксимално ангажирање во во барањето градската касарна да се претвори во парк“, кажа Аријанид Џафери од „Еко Герила“.
Тој рече дека добил ветување од сите кандидати дека ќе дојдат на потпишувањето но нема образложение зошто не дошле сите.
Од „Еко Герила“ сличен документ поврзан со еколошките проблеми понудија за потпишување пред минатогодишните парламентарни избори. И тогаш дел од преставниците на политичките партии не присуствуваа на потпишувањето. Движењето Беса кое што тогаш беше дел од потписниците, се обврза дека ќе се залага касарната да се претвори во градски парк, но сега нејзиниот кандидат за градоначалник Билал Касами во својата предизборна кампања се залага на местото на касарната да се изгради голем стамбено трговски комплекс на што од „Еко Герила“ остро реагираа.
Дека екологијата е актуелна тема во Тетово и пошироко зборува и денешната тркалезна маса насловена како „Општествено одговорни бизниси – акција за клима“ што ја организираат Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ што се одржа во Тетово.
„Помеѓу институциите, бизнисите и граѓанскиот сектор потребно е да се развие дебата на тема ‘Што може заедно да направиме’. Има примери за успешни бизниси кои се општествено одговорни и одлучиле својата економска придобивка да ја направат преку придобивка за животната средина како фирмите ‘Везе Шари’, ‘Еколог’ и ‘Кнауф’. Во однос на законската регулатива бирократијата е таа која е превентива за успешниот развој на еколошките бизниси. Така, еколошките такси не се собираат на едно место и не се трошат исклучиво за еколошка намена. Владата треба да направи овие такси да ги собира на едно место и да ги насочи во заштитата на животната средина а не како сега кога тие се влеваат во централниот буџет и никој не знае каде одат“, изјави Ана Чоловиќ Лешоска од „Екосвест“ од Скопје.
„Фондот за Екологија ќе го воспоставиме во законска рамка и транспарентно ќе објавиме за што ќе се трошат сретствата, ќе ги контролираме сите такси кои се даваат заекологија кои за жал во претходниот период се злоупотребувале. Секој загадувач одвојува потребни сретства кои доаѓаат во општините и кои треба да се упшотребат за зачувување на животната средина, но за жал тоа не се прави секогаш и тој мониториг во иднина ќе биде зајакнат“, изјави Јани Макрадули, заменик министерот за животна средина.
Тркалезната маса ја организира Амбасадата на Сојузна Република Германија а на неа покрај нејзиниот амбасадор Томас Герберих, присуствуваа преставници од бизнисот, кандидати за градоначалници од полошкиот регион и експерти за екологија.
З. АНДОНОВ