Утре јавен превоз во Скопје ќе нема од 4.30 часот. Вработените и денеска не добија плата, а како што рекоа од синдикатите на јавното претпријатие кои присуствуваа на вонредната седница на Советот на Град Скопје, советниците и градоначалничката си тераат политика, а не разговараат за нивниот проблем.
„Вие може политика да терате до сабајле, но сабајле автобуси нема да има. Вам не ви е гајле, вие не се возите со јавен превоз. Овие луѓе имаат деца, гладни се, немаат пари да им дадат за ужинка на училиште. Овде не видовме никој да каже како ќе се реши проблемот и ќе добиеме плата туку нивни партиски и политички препукувања“, рекоа од синдикатите.
Советниците и градоначалничката се расправаа за „шпицниот градоначалник“, за тоа кој сакал кола и службен телефон, а ништо за тоа како суштински да се реши проблемот и како ќе се најдат пари.
Вонредната седница на Советот се одржува на барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ која предлага да се пренаменат средства од буџетот за плати за вработените во ЈСП „Скопје“. По неколкучасовни караници иницијативата беше прифатена што всушност значи дека сега треба да се одржи нова седница на Советот на која раководството на Град Скопје ќе одлучи од кои ставки од буџетот можат да се скратат пари и тие да се пренаменат во помош за ЈСП. Со оглед на тоа дека сме крај на годината голем дел од средствата се веќе потрошени или испланирани за другите тековсни обврски на Градот.
А. АНТЕВСКА