СКОПСКИ „РАМСТОР“ ДОБИ МАРКИЧКА ДА СЕ ПРОШИРИ НА ПАРКИНГОТ, „КАМ“ ПОГОЛЕМА КАТНОСТ, ОПШТИНА ЦЕНТАР ДОНЕСЕ НОВ ПЛАН ЗА СТАРА ЖЕЛЕЗНИЧКА

    СКОПСКИ „РАМСТОР“ ДОБИ МАРКИЧКА ДА СЕ ПРОШИРИ НА ПАРКИНГОТ, „КАМ“ ПОГОЛЕМА КАТНОСТ, ОПШТИНА ЦЕНТАР ДОНЕСЕ НОВ ПЛАН ЗА СТАРА ЖЕЛЕЗНИЧКАПланот беше усвоен со заедничко гласање „за“ на советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Двe советнички од СДСМ не гласаа за планот, Левица беше воздржана, а „Шанса за Центар“ гласаше против. (Фото: К. Попов)

    Општина Центар нацрта маркичка на паркингот меѓу ТЦ „Рамстор“ и зградата на Тутунска банка во центарот на Скопје и со тоа му дозволува на трговскиот центар да се проширува. Ова е предвидено со новиот Детален урбанистички план (ДУП) за градска четврт Ц016 Стара железничка станица, кој беше усвоен на последната седница на Општина Центар.

    Планот беше усвоен со заедничко гласање „за“ на советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Двe советнички од СДСМ не гласаа за планот, Левица беше воздржана, а „Шанса за Центар“ гласаше против.

    Освен зголемување на маркичката и нов простор за ширење на „Рамстор“ се дозволува и поголема катност, од 16 до 23 метри, на објектот на „Кам“ маркетот на булевар Кирил и Методиј . На овој објект во моментов се завршува градбата и се наоѓа меѓу новите кули кои ги гради турски „Лимак“.

    Намерата на овој план, кој почна да се прави уште во процесот на мораториум, беше со измените да се реши само потребата на жителите на ќошот од просторот кон Водњанска. Не беше намерата да се зголеми површина за градење на ‘Рамстор‘ и ‘Кам’ да добие уште неколку ката. Ова е претерано. За тој дел Генералниот урбанистики план предвидува да живеат 1.000 луѓе, знаете ли колку станари ќе има само во новите четири кули кои се градат“, рече Дивна Пенчиќ, советничка од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.

    Од планерската куќа рекоа дека постапиле врз основа на барања кои биле доставени со анкетните листови. Парцелата за градење на „Рамстор“ е зголемена оти сега сопственикот има поголема површина, а на „Кам“ е зголемена катноста за да се изедначи со другите објекти околу.

    Инвеститорскиот урбанизам победи и се задоволи алчноста на малкумина дополнето со интервенции од повисоко. На 60 години од земјотресот, коалицијата во Советот си изгласа ДУП-от со неточни податоци за заштита од урнатини. Лекциите не ги научивме, а инвеститорскиот урбанизам го победи јавниот интерес и ги остави загрозени скопјани“, рекоа од „Шанса за Центар“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира