СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ПОБАРА ПРИТВОР ЗА МАЖОТ И ЖЕНАТА КОИ НАПАДНАА НОВИНАРИ ПО ПОЖАРОТ ВО ВИЗБЕГОВО

    СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ПОБАРА ПРИТВОР ЗА МАЖОТ И ЖЕНАТА КОИ НАПАДНАА НОВИНАРИ ПО ПОЖАРОТ ВО ВИЗБЕГОВОВчера имаше пожар кај дивата депонија за старо железо. (Фото: К. Попов)

    Основното јавно обвинителство ((ОЈО) Скопје, по вчерашниот пожар во скопско Визбегово, поведе итна постапка против две лица, маж и жена,  за кривично дело Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик. Постапката е поведена бидејќи двајцата физички нападнале екипа – новинар и снимател на ТВ Алсат М и ги спречиле во извршување на нивните службени задачи, односно да известуваат за настанатиот пожар во близина на отпад за старо железо.

    Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, додека за осомничената е предложена мерка куќен притвор, бидејќи се грижи за две малолетни деца на возраст од 9 месеци и 3 години.

    „Мерките се предложени со цел нивно обезбедување, со оглед на тоа што освен наведеното кривично дело, обвинителството продолжува да ги истражува и причините за настанување на пожарот на отпадот во сосопственост на осомничените и евентуалните опасности предизвикани врз животот и телото на луѓето, имотот и животната средина. Во таа насока во текот на вчерашниот ден и денеска се издаваат повеќе наредби и насоки за обезбедување докази“, велат од ОЈО.

    Вчера Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека е приведен сопственикот на отпадот за старо железо во Визбегово каде изби голем пожар. Во пожарот едно лице е повредено и однесено в болница за укажување лекарска помош. На отпадот за старо железо гореа хаварисани возила, на кои имало монтирано плински уреди и се слуша детонации. Пожарот не зафати друг приватен имот и куќи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира