СКОРО ЕДЕН МЕСЕЦ НЕМА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ ВО БИТОЛА, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ И ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ИЛИЕВСКА СЕ РАСПРАВААТ НА ФЕЈСБУК

    СКОРО ЕДЕН МЕСЕЦ НЕМА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ ВО БИТОЛА, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ И ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ИЛИЕВСКА СЕ РАСПРАВААТ НА ФЕЈСБУКНа 20 април, претседателката Илиевска ја прекина седницата, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ заедно со Левица и ДУИ избраа друг претседавач за таа седница и ги изгласаа завршните сметки на јавните претпријатија, од кои повеќето се во долгови. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кадар на ВМРO-ДПМНЕ, преку Фејсбук ја повика претседателката на Советот, Габриела Илиевска од граѓанската иницијатива Поинаку итно да закаже вонредна седница, зашто потребно е да се донесат одлуки за важни за градот. Таа исто така преку Фесјбук му одговори:

    „Да ви беше гајле за Битола и за проектите денес низ град ќе имаше нови камиони за ѓубре, видлив нов парк, нови паркинг места и уреден простор секаде кај шо се турнаа гаражите, немаше да вработувате по список од партија, немаше да делите пари на роднини и пријатели“.

    Помина безмалку еден месец од последната одржана седница на Советот кога настанаа несогласувањата во советничкото мнозинство. На 20 април, претседателката Илиевска ја прекина седницата, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ заедно со Левица и ДУИ избраа друг претседавач за таа седница и ги изгласаа завршните сметки на јавните претпријатија, од кои повеќето се во долгови. По четири дена ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ДОМ ја продолжија седницата, а Илиевска рече дека нема да учествува на незаконски седници и побара вонреден инспекциски наздор од Државниот инспекторат за локална самоуправа.

    Денес Коњановски побара од неа итно да свика вонредна седница и Советот да работи во интерес на градот.

    „Доколку кај неа не постои желба за нови проекти во Битола, тогаш очекувам иницијатива на најмалку една третина од членовите на Советот за свикување на вонредна седница со наведениот дневен ред, со што заеднички ќе ја покажеме нашата должност за исполнителност и одговорност кон граѓаните кои ни ја дадоа довербата и од нас очекуваат работа и резултати“, напиша Коњановски на неговиот фејсбук профил.

    Илиевска во одговорот на социјалните мрежи, каде и претходно ги објави своите ставови во врска со случувањата во Советот, овојпат напиша дека срамота е на Фејсбук да се покажуваат јунаштини.

    „Да ви беше гајле за Битола немаше да потрошите 40 милиони за култура, а низ градот една нова канта и клупа нема клаено или, шо би рекол колегата Чулакоски, дури фекалии течат по улици ние играме и пејме. Никој не ви смета да работите, со тајни договори заради лични интереси на секоја седница ‘наоѓавте чаре’ да ви помини нешто. И не ги замарајте луѓето со вашата неспособност за соработка, ние сите сме избрани за да работиме за доброто на битолчани, за жал, Вие одбравте да работите за лични интереси на неколкумина“, возврати Илиевска.

    Од опозиционата СДСМ соопштија дека годинава, заклучно со спорната седница се одржани само пет и им рекоа на ВМРО-ДПМНЕ и Поинаку „да ги заменат тастатурите со мотики зашто градот е на апарати“.

    На 15 ноември 2021, Габриела Илиевска од Поинаку стана новиот претседавач на општинскиот Совет, со што Битола за првпат доби прв човек на оваа институција од редовите на независна граѓанска листа. Дотогаш претседавач на Советот беше најчесто носителот на листата од политичката коалиција која има освоено најголем број на советници, а тоа во случајот беше ВМРО-ДПМНЕ. Но, ситуацијата во Советот е невообичаена оти немаше чисто мнозинство, и ВМРО-ДПМНЕ и Левица за претседател ја поддржаа Илиевска. Прашана дали Поинаку стапува во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, таа тогаше рече дека од Поинаку не фаќаат страна туку дека ќе работат само во интерес на граѓаните.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира