СЛАБ ОДЗИВ НА ПОЧЕТОКОТ НА МАСОВНАТА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД-19 ВО ТЕТОВО, НАЈСТАРИОТ ТЕТОВЕЦ КОЈ ПРИМИ ВАКЦИНА ИМА 101 ГОДИНА

    СЛАБ ОДЗИВ НА ПОЧЕТОКОТ НА МАСОВНАТА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД-19 ВО ТЕТОВО, НАЈСТАРИОТ ТЕТОВЕЦ КОЈ ПРИМИ ВАКЦИНА ИМА 101 ГОДИНАКапацитетот на регионалниот пункт во Тетово е 1.500 лица на ден (Фото: СДК.МК)

    Во адаптираната спортска сала на средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово денеска започна масовната вакцинација против ковид-19 за лицата од Тетовскиот и Гостиварскиот регион. Сепак, одзивот на граѓаните досега е под очекувањата. За два часа се вакцинирале педесетина лица, што е далеку под капацитетот на овој регионален пункт.

    „Денеска почнавме со вакцинирање во 10 часот бидејќи така беа закажани термините. Досега имаме вакцинирано педесетина лица, но постојано доаѓаат нови, па овој број сигурно ќе биде далеку поголем до крајот на денот, иако доста од оние кои добиле покана не дошле да се вакцинираат. Сега се вакцинираат лицата на возраст од 75 години и повеќе и со нив ќе работиме до петок. Најстариот тетовец кој денеска се вакцинираше има 101 година. Исто така, денеска ги повикавме на вакцинација и докторите, медицинскиот персонал и матичните лекари. кои иако беа на приоритетната листа, од одредени причини тогаш не се вакцинирале. Очекуваме наскоро уште повеќе да се спушти старосната возраст, со што и многу повеќе лица дневно ќе се вакцинираат. Капацитетот на овој регионален пункт е 1.500 лица на ден“, изјави Дрита Зибери, главна сестра на пунктот за вакцинирање против ковид-19.

    Административниот дел од работата ја вршат студентите од шеста година од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Тетово, а има испомош и од учениците од Средното медицинско училиште од Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира